До крајот на март треба да излезе првичниот драфт на Царинскиот тарифник со одредени усогласувања на царинските стапки како што барааа компаниите, а драфтот за даночниот календар може да се очекува следната недела, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими на работната средба во Стопанската комора на Македонија.

Бесими нагласи дека земјава ќе треба да ги има во целост усогласено царинските стапки со оние на ЕУ кога ќе стане нејзина членка, но сепак ќе гледа и сега, во соработка со коморите, да дизјанира најсоодветен пакет.

На 17 ноември на владина седница се формира работна група која е во постојана комуникација и со членки на коморите. Според динамиката, би требало до крај на март или евентуално една до две недели подоцна да има првичен драфт. Одиме со усогласување на номенклатурата, но и со тоа што беше барање на одредени инвеститори во однос на усогласување на царинските стапки. Имаме некои царински стапки кои се пониски или повисоки од оние во ЕУ. Ќе гледаме, во смисла на зголемување на конкурентноста, да ги усогласиме, напомена Бесими.

За драфтот за даночниот календар потсети дека е веќе споделен со стопанските комори.

Ако се усогласи, веќе наредната недела може да го има објавено на веб страницата, истакна министерот.