Во текот на годинава ќе има потреба од ребалaнс на Буџетот за 2021 година  што беше најавено и кога се носеше овој буџет, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Се прават анализите и кога ќе се покаже потреба ќе се направи тоа. Засега имаме доволна ликвидност. Се оди по планот. Собирањето на даноците е добро – рече  Бесими..

Тој рече дека наплатата на даноците во февруари се враќа на ниво од предкризниот период.

Наплатата на даноците изнесува 17,8 милијарди денари и е на исто ниво како лани, додека наплатата на придонесите е 10,4 милијарди денари и е за 1,7 отсто повисоко во однос на лани. Реализацијата на расходите е согласно планираната динамика, исто како и реализацијата на буџетскиот дефицит. Во февруари, конкретно имаме раст на наплата на даноците за 3,5 отсто во однос на лани, кај данокот на добивка имаме подобра наплата за 27,7 отсто во однос на истиот месец лани, а кај ДДВ имаме раст од 9,7 отсто. Кај придонесите имаме 4,3 отсто раст во однос на истиот месец лани- информира Бесими.

Министерот очекува годинава економијата да се  стабилизира и да почне да расте.

Имаме добри сигнали и основа да очекуваме реализација на нашите проекции за раст од 4,1 отсто годинава, а потоа ќе дејствуваме во насока на негово забрзување и одржливост – рече Бесими.