Годинава ќе се направи редизајнирање на буџетската политика и на политиките насочени кон економско заздравување и забрзан раст-SmartER Growth Policies и враќање на економијата на преткризната патека, со раст во втората половина од 2022 година. Главна цел е на среден рок да се забрза економскиот раст од 2,6 отсто, колку што изнесувал просечно годишно во претходните десет години, на околу 5 отсто во просек во следните пет години, а притоа да се постигне и фискална консолидација за да се обезбеди одржлив и инклузивен раст.
Ова, меѓу другото, го посочи министерот за финансии Фатмир Бесими на Форумот на Централна и Источна Европа, што го организира „Јуромани“ и што е еден од водечките традиционални настани од областа на финансиите.
Годинава се очекува закрепнување на инвестициската активност, на потрошувачката и на нето странската побарувачка, при што е проектиран раст од 4,1 отсто. Ова сценарио претпоставува слабеење на здравствената криза и етапно подобрување на епидемиолошката слика, повисока искористеност на производствените и услужните капацитети, поволни ефекти од економските мерки, како и зголемена доверба кај потрошувачите и инвеститорите, рече Бесими.
Тој посочи дека државната помош преку различни мерки ќе продолжи и во 2021 година, со цел побрзо закрепнувањена домашната економија и создавање основа за забрзан економски раст на подолг рок. Во однос на привлекувањето на странски директни инвестиции, Бесими изјави дека новите законски решенија се во насока на привлекување на инвестиции кои ќе продуцираат поголема додадена вредност.
Од Министерството за финансии информираат дека на панелот на „Јуромани“ зедоа учество и вицепремиерите и министрите за финансии на Хрватска и Унгарија, како и министрите за финансии на Полска и на Бугарија. Во дискусиите и анализите секоја година вниманието е насочено кон најважните прашања за финансиските пазари и за економиите во Централна и во Источна Европа.
Comments are closed for this post.