Новата министерка за финансии, Нина Ангеловска во вторник ќе потпише ново задолжување, по нарачка на Зоран Заев овојпат во висина од нови најмалку 61,7 милиони евра, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Со тоа Нина Ангеловска ќе ја превземе улогата на спроведувач на погубните економски политики на Заев со кои државата забрзано се задолжува, а притоа нема никаков ефект врз стандардот на граѓаните, нема ефект врз економијата и стопанството кои се повеќе од ден на ден пропаѓаат“, додава Арсовски.

Како што вели тој оваа нова аукција на државни хартии од вредност во износ од најмалку 61,7 милиони евра доаѓа во време кога реализацијата на капиталните инвестиции изнесува рекордно ниски 24,5% заклучно со месец јули, кога износот на странски директни инвестиции за 6 месеци е мизерни 48,7 милиони евра, кога бројот на вработени во индустријата драстично опаѓа и кога над 500 илјади граѓани живеат на прагот на сиромаштијата,кога германските стопанственици не оценуваат со оценка НУЛА.

За што се трошат овие пари со кои секој месец владата на Зоран Заев не задолжува?“, прашува Арсовски.

Тој истакна дека јавниот долг надминува 5 милијарди евра и драматично руши рекорди односно ја руши границата од  над 50% од БДП, а Владата не престанува да ги задолжува идните генерации без јасна стратегија и без јасен план што потоа.

Парите од буџетот гледаме дека се трошат на партиски вработувања, на сомнителни и коруптивни јавни набавки, на лубриканти, цвеќиња, службени возила или пак мебел. Друг ефект од задолжувањето нема и не гледаме. Министерката Ангеловска и Заев треба да сфатат дека народните пари не се купони за попуст со кој може да купат еднодневен социјален мир или начин како да се искупат за криминалот во кој од ден на ден оваа Влада се повеќе и повеќе навлегува“, вели Арсовски.

Тој додава:

Ненародното трошење на парите од типот купи ден помини нема да донесе никаков развој на Македонија или пак да донесе одржлив раст на стандардот на граѓанинот, туку  ќе донесе само единствено ќар за тесното раководство на СДСМ чии фирми цветаат во време кога севкупната економија пропаѓа во државата“.