Алоцирање на средствата онаму каде што ќе има најголема ефикасност и каде што може да се постигнат поголеми економски ефекти, е целта на предложениот ребаланс на Буџетот, што од денеска е на дневен ред на матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.

Министерката за финансии Нина Ангеловска, на која ова и е прв значаен документ што го елаборира пред пратениците, рече дека со него се обезбедува распределба на поголем дел од јавните приходи кај граѓаните, директно вложување во потребите и потенцијалите на луѓето и силна финансиска поддршка за бизнисот за отворање нови работни места и исплати на повисоки плати во приватниот сектор и за сите работници.

-Од овој ребаланс за граѓаните обезбедуваме поддршка за поголеми плати за вработените во приватниот сектор, поголеми плати за вработените во јавната администрација, повеќе средства за поддршка на активните мерки за вработување за невработените граѓани, и конечно, за нешто помалку од три месеци првпат на граѓаните ќе им бидат вратени првите пари преку проектот МојДДВ. А ова не е единствената придобивка од овој проект, зашто преку МојДДВ граѓаните директно ја помагаат борбата за намалување на сивата економија, истакна Ангеловска.

Таа додде дека поставените цели за 2019 година целосно се насочени во функција на постигнување на клучните приоритети на општеството: повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО.

Потсети дека од  1 септември стапи во сила новото покачување од пет отсто на платите во јавната администрација, во здравството, образованието, градинките,  полицијата, културата, одбраната и во другите дејности во јавната администрација.

– Ова значи дека на сите досегашни покачувања, од 1 септември следува уште едно покачување на платите во јавниот сектор за пет отсто, кое што секако ќе се плати почетокот на октомври, рече Ангеловска.

Со ребалансот, вкупните приходи се планирани на ниво од 210,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 228,3 милијарди денари. Дефицитот останува непроменет во однос на
планираниот со Буџетот, односно позициониран во износ од 17,7 милијарди денари, односно 2,5 отсто од БДП.

Министерката посочи дека ревидирањето се однесува на реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, особено кај проекти финансирани со странски кредитни линии, ревидирање на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки, намалување на каматните расходи за 924 милиони денари.

Со ребалансот се обезбедени 99 милиони денари за непречено функционирање на новоформираната Агенција за национална безбедност, дополнителни 560 милиони денари, а во првата половина на годината со реалокации се обезбедени уште 355 милиони денари како директна поддршка во земјоделството и справување со болеста африканска чума кај свињите, 183 милиони денари за Колекторски систем за заштита на Охридското Езеро, за исполнување на препораките од УНЕСКО, дополнителни 244 милиони денари за правосудниот систем, односно судството и обвинителството, со цел јакнење на финансиската состојба и решавање на прашањето поврзано со исплатата на надоместоците на вработените во овој ресор, 200 милиони денари зголемување на државната помош во Фондот за иновации и Агенција за странски инвестиции и поттикнување на извозот, алоцирање на средства за откуп на акции за целосна државна сопственост на ГА- МА, 300 милиони денари за поврат на дел од данокот на додадена вредност кон физичките лица.

Предвидени се дополнителни 200 милиони денари за активни политики и мерки како поддршка на вработувањето, во кои е вклучена и новата мерка за поддршка на младите во производството, субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата во износ од 400 милиони денари. Целта на оваа мерка, вели Ангеловска, е да се стимулира зголемување на платите на вработените во приватниот сектор преку финансиска поддршка за работодавачите кои ќе извршат зголемување на платата на вработените до 100 евра.