Со присуство на сточари од Битола, Велес, Штип и Пијанечко-малешевскиот регион, на работен состанок во Берово се разгледуваа проблемите со кои се соочуваат македонските сточари. Претседателот на Асоцијацијата на земјоделците Евтим Шаклев, истакна дека целта на средбата на која присуствуваше и министерот за земјоделие, Љупчо Николовски, е да се најдат решенија за надминување на проблемот кој сточарите го имаат со одржливото сточарство.

Сите барања кои ќе произлезат од денешниот состанок во целина ќе бидат упатени кон одржување на сточарството, затоа што во последно време алармантно се намалува бројката на овците и козите. Порано беше сосема обратно. Сточарството беше гранка во која ја гледавме иднината на Македонија, меѓутоа сегашната состојба го говори спротивното. Затоа е овој состанок за да можеме заедно со министерот и Владата да најдеме решение за надминување на оваа состојба, рече Шаклев.

Како што истакна министерот за земјоделство Љупчо Николовски, едно од решенијата за подобрување на оваа состојба е зголемување на бројот на грлата овци и подобрување на расната структура во стадата на овци во Македонија.

Овчарството во Република Македонија има долга традиција и е подржана со поволните природни услови. Стадата се одгледуваат во еколошки чисти зони од кои општина Берово може да се пофали со идеални услови за развој на овчарството