Ако не постоеше, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева дефинитивно ќе требаше да се измисли. Не, не заради успешното водење на институцијата Специјално јавно обвинителство, туку поради трапавите и несмасни обиди да се извлече од живиот песок во кој самата влегла. Звучи просто неверојатно како ја потценува интелигенцијата на граѓаните, па ако сакате и на правосудните институции, кои треба да го решат случајот „Рекет“.
Не дека Македонија не е земја на чудата, ама нашата Катица ни случајно не може да биде Алиса. И изгледа дека е најпаметна кога молчи. Ама, пусто, не го прави тоа. Сака истрагата за „Рекет“ да се забрза. Не за друго, туку да и го обеле образот. Барем така самата вика. А, можеби и си потпевнува, којзнае. Исто како што илјадници граѓани си потпевнуваат „Не се бели Кате мори, не се црви, не се толку Кате дотерувај“. Додуше, во оригиналот е Маре, ама сега нашата Катица е одново во центарот на вниманието.
Велам одново, зашто само обичен идиот може да си дозволи од промовиран ангел во борбата против високата корупција и криминал во кој се вперени очите на целиот свет да се најде во ситауција да биде составен дел од ист таков криминал и корупција! Па, сега да се препелка и да паѓа од глупост во глупост.
Кој недоквакан може да поверува дека за да добие повеќе информации од Орце Камчев комуницирала не сама, туку преку Боки 13?! Кој недоквакан може да поверува дека сакала од Орце да направи соработник за друга истрага и тоа повторно со посредство на Боки 13?! И како врв на глупоста, внимавајте, Орце да плати со негови пари да и стане соработник на Катица. Ни помалку, ни повеќе, туку 1,5 милиони евра?!
Не да му пукне душа на човека, туку…Не знам!
Да, може да има разговори меѓу Јанева и Камчев. Неспорно, може да има и понуда за соработка. Ама се знае каде и како тоа се прави. Официјално, во нејзиното обвинителство, со записник и по можност во „глува соба“. Ама сигурно не вака како што сега се обидува да не убеди.
Па, замислете, истиот терк да го користат тајните служби. Наместо они да им плаќаат на соработниците за добиените информации, соработниците да им плаќаат за тоа што го прават! Па, па, па, што дополнителни пари би се слевале во нивните каси. И уште волкави високи суми!? А, којзнае, можеби постои и такво нешто. Човек никогаш не може да биде сигурен во ништо. Барем тука кај нас, во оваа земја на чудата-Македонија.
Comments are closed for this post.