Грција се соочува со парична казна во висина од околу 2,5 милиони евра од судот на Европска Унија, затоа што во предвидениот рок не ги пренела во националното законодавство, упатствата на ЕУ од 2016 година за заштита на податоците од личен карактер, соопшти портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Пецас објасни дека Грција, заедно со Шпанија се единствените земји членки на ЕУ кои не ги исполниле обврските и Европската комисија го повикува судот на Унијата да изрече парични санкции за Грција во висина од 5 287,5 евра за секој поминат ден што не е вклучен законот, почнувајќи од 7 мај 2018 година.
Станува збор за неактивност, повеќе од една година, што е на товар на претходната влада и што до денес чини 2,5 милиони евра. И не е само финансиската цена во тешки времиња, туку пред сѐ дека не се целосно гарантирани личните податоци на граѓаните. Премиерот беше известен за доцнењето на нашата земја и за изречената казна и му даде упатства на надлежното Министерство за правда да ги преземе сите неопходни чекори, рече Пецас.
Портпаролот на грчката Влада објасни дека веќе во следените денови ќе биде донесен предлог закон за усогласување на грчкото со законодавството на ЕУ за гарантирање на целосна заштита на личните податоци.
Comments are closed for this post.