БиБиСи објави репортажа за однесувањето на хрватските полицајци кон мигрантите под наслов „Претепани и ограбени“ – како хрватската полиција ги чува своите граници.
На почетокот на снимката прикажан е преминот Маљевац на хрватско-босанската граница, каде илјадници мигранти се обидуваат да преминат како би стигнале до ЕУ.
Но, како што се наведува, многу од нив се фатени и протерани назад во Босна и Херцеговина, а на снимката се прикажани мигранти кои ги покажуваат модринките и лузните на телото и извикуваат: „Хрватска. Полиција“.
Градоначалникот на Бихаќ, Сухрет Фазлиќ видел, како што кажува, двајца хрватски полицајци како изведуваат „push-back“ (протерување назад) над мигранти во шума на територијата на БиХ.
Тој раскажува дека им посочил на хрватските полицајци дека тоа што го прават е незаконско, а дека тие му кажале дека така им е наредено и дека не е до нив да расправаат околу тоа.
Активисти минатата зима поставија камери на некои од рутите на мигрантите и успеаја да снимат неколку „протерувања назад“.
Некои од мигрантите тврдат дека хрватските полицајци им ги одзеле сите пари, а мобилните телефони им биле искршени.
Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ неодамна го посети местото на границата со Хрватска и БиХ и изјави дека е „нормално“ некој кој сака да се протне низ тој терен има модринки и истакна дека хрватската полиција не користи сила туку ниво на сила пропишано со хрватските и европските закони.
Отприлика 20 илјади мигранти поминале низ овој премин минатата година, а околу 5 илјади се уште се во БиХ и се обидуваат да влезат во ЕУ, наведува БиБиСи.
Comments are closed for this post.