Илјадници луѓе денеска излегоа на улиците на Барселона, на прославата на националниот празник на Шпанија, отфрлајќи ја идејата на сепаратистичките лидери на Каталонија, кои бараат независност од Шпанија.
Учесниците на собирот носеа шпански знамиња и извикуваа „Да живее Шпанија“ и „Да живее Кралот“.
Полицијата соопшти дека на улиците се собрале околу 65 илјади луѓе, додека организаторите тврдат дека имало околу 300 илјади.
Во исто време и околу 200 припадници на ултрадесницата одржаа протест на ридот Монжуик, од каде се гледа Барселона. Демонстрантите го запалија каталонското знаме , а потоа поздравија со фашистички поздрав.
12 октомври е национален празник во Шпанија во чест на пристигнувањето на Кристофер Колумбо во Америка во 1492 година.
Каталонските регионални власти на 1 октомври 2017 година одржаа референдум за независност, а потоа каталонскиот парламент прогласи независност на регионот. Владата на тогашниот шпански премиер Маријано Рахој потоа ја смени регионалната власт во Каталонија и воведе директна државна управа, но на изборите за регионалниот парламент на 21 декември повторно победија партиите кои се залагаат за независност.
Comments are closed for this post.