Да не е тажно, ќе беше смешно!
Звучи можеби излитено, но уште еднаш се покажува како точно. Да не беше посетата на господинот Филип Рикер, високиот претставник на американската администрација задолжен за Евро-Азија, на Скопје, немаше да знаеме дека независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ или попознати како осумтемина, кои ги визираа уставните измени, согласно Договорот од Преспа, имаат толку високо мислење за себе. Се разбира, судејќи според нивното соопштение, објавено по средбата со американскиот висок дипломат.
Нашиот конструктивен пристап како опозициска пратеничка група беше оценет како позитивен за развој на демократијата во нашата држава. Разговаравме за актуелни теми и понатамошната интеграција во ЕУ и во НАТО на Република С.Македонија. Ги споделивме своите размислувања, идеи и конкретни чекори кои сме ги презеле во правец на напредок на нашата татковина, соопштија, меѓу другото, осумтемина пратеници.
Браво, секоја чест. Во духот на претстојната „борба со лажните вести во име на заштита на демократијата“, не би било лошо Владата да размисли да воведе и нова државна награда-за развој на демократијата. Нека ми простат останатите, ама јас би предложил да се вика „Крсто Мукоски“. И би имала речиси иста тежина како таа за човекови права „Мето Јовановски“. Дури, би давале и една целина.
А, денот на врачување е веќе познат-27 април! Каква симболика! Да,да, на 27 април 2017 година Крсто клисарот ги отвори ширум собраниските порти за да настрадаат модерните македонски гемиџии, кои не смеат да се именуваат како терористи, иако се првостепено осудени за тероризам. Осумтемина независни, пак, меѓу нив и Крсто Мукоски, нели, учествуваа во изготвувањето на законот за амнестија, што беше само алиби за нивните кренати два прста за уставните промени, и на меѓуетничкото и интраетничкото помирување, кое заврши уште пред да почне.
Впрочем, тоа е и помалку важно. Важно е што гемиџиите добија вкупна казна од над 200 години затвор, важно е што Крсто клисарот беше амнестиран за разлика од нив, и што останатите од независната пратеничка група или нивни блиски останаа чисти пред правдата. Се во име на развој на демократијата во Република С. Македонија.
Comments are closed for this post.