Јавното обвинителство мора да отвори истрага за комуникацијата на Зоран Заев преку неговиот личен телефон со лажниот Петро Порошенко и сите пораки и информации кои што му ги изнел бидејќи постојат сериозни индиции за повеќе кривични дела, побара денес на прес-конференција Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека пораките на Заев објавени во медиумите, покажуваат дека тој во кабинетот на Владата одржувал средби со контроверзниот лик Тал Силберстин, човек посочуван од страна на австрискиот канцелар, Себастијан Курц како главно осомничен за креирање на аферата поради која што падна австриската влада.
Е токму тој бил примен од страна на Зоран Заев во кабинетот на премиерот во Владата на Република Македонија, и тоа токму во периодот кога се случувала аферата во Австрија. Па дали Заев имал или немал врска со случувањата во Австрија, која е долгогодишен, докажан пријател на Република Македонија.
Тал Силберстин, човекот од фотографијата со Заев, која што заврши кај лажниот Порошенко, фотографијата заврши кај комедијантот кој се претставувал како Порошенко што е друга афера, е лице со дебело меѓународно досие. Против Силберстин се водат процеси во Израел, но и во Романија“, рече Стоилковски.
Според него, тој има дебело досие за перење пари, попречување на правда, за нелегално организирање финансирање на политички изборни кампањи, потоа досие за поткуп, фалсификување на документи и за други дела, а неговото име се споменувало дури и во Гвинеја, за каде се вели дека заедно со другите обвинети во случајот во Романија, го поткупил претседателот на државата за да се стекнат со рудник за дијаманти вреден милијарди долари.
Владата мора да одговори, што бара ваков човек на средба во премиерскиот кабинет? Зошто бил примен овој човек во Владата? На чие барање, дали на покана на премиерот или пак сам се поканил? Има ли записник од оваа средба? За што се разговарало? Го проверил ли некој досието на Силберстин пред да биде договорена таа средба и пред да влезе во Владата? Има ли воопшто безбедносен или било каков протокол во Владата или се сѐ сведува на поставување знаменца кому-како прво им доаѓа на рака“, додаде портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Стоилковски истакна дека СДСМ и Заев мора да кажат од кога Заев соработува со Силберстин? Дали до сега ги користел неговите услуги и колку и од каде се платени?
Против овој човек се водел процес дека примил 400.000 евра за водење пропаганда со лажни вести, па дали за тоа била средбата со Заев во Владата? Но и во кој период пред, за време или по локалните, референдумот или пак претседателските избори, имале договор и соработувале?
Тоа што е најстрашно, за ваква матна соработка јавноста немаше да разбере доколку Заев лично не му го препорачал Силберстин, со фотографија со порака со сѐ на лажниот Порошенко преставувајќи го како одлично момче. Очигледно многу добро се познаваат.
Ова ги минува сите граници, ништо освен оставка на кланот со Заев на власт не е опција. Заев замини си, на Македонија и е потребна итна обнова, од корен“!, истакна Стоилковски.
Comments are closed for this post.