Дваесетина луѓе загинаа, а петнаесетина се исчезнати во поплавите во Иркутската област во Русија, соопшти рускиот министер за вонредни ситуации, Јевгениј Зиничев.

За време на состанокот на рускиот претседател Владимир Путин со членовите на Владата, Зиничев информирал дека интензивно се преземаат мерки на терен и дека 730 луѓе, вклучувајќи 262 деца, се сместени во 15 центри за привремен престој.

Тој појаснил дека се прават напори да се обезбеди сместување во станбен простор затоа што училиштата и градинките не се погодни за подолг престој. Рускиот министер нагласил дека на загрозените луѓе им се овозможува финансиска помош и дека, за почеток, 8.647 луѓе добиле по 157 долари, а се прават напори и за повторно издавање на загубените документи и обезбедување на основните потреби, објави ТАСС.


Како што се намалува нивото на водата се преземаат мерки за сушење и чистење на зафатеното подрачје, а завршено е со отстранувањето на мртвите животни со цел да се спречат инфективни зарази – изјави Зиничев.

Поплавите во сибирската област на Иркутск почнаа по обилните врнежи на крајот на минатиот месец. Според податоците на руското министерство за вонредни ситуации, поплавени се 3.500 куќи во 31 село.