Два авиони за малку ќе се судреле на македонското небо, на осми мај годинава, поради негрижа на македонската контрола за летање, која не успеала да ги координира авионите, па снаодливоста на пилотите спречи огромна трагедија, објави Економски Лидер.

Според Економски Лидер, кој се повикува на ексклузивни информации, контролорот на летање и близок пријател на претседателот на Управниот одбор на М-НАВ Николче Тасески, издавајќи погрешна инструкција буквално довел два авиони во состојба да се судрат. Има укажувања дека погрешната инструкција директно предизвикала целосно да се изгуби контрола над ситуацијата, а пилотите биле оставени сами на себе. Благодарение на алармот на инструментите во пилотските кабини, пилотите спречиле голема трагедија – дознава Лидер.

Во овој инцидент инволвирани се два авиони: првиот авион на линија Атланта – Истанбул, на компанијата „Туркиш ерлајнс“, тип ербас А330-200, со регистрација TC-JND регистриран во Турција кој може да носи 335 патници и вториот авион на линија Тел Авив- Амстердам,на компанијата „Трансавиа“ TRA5800, тип боинг 737-7К2, со регистрација PH-XRD регистриран во Холандија, кој може да носи 149 патници.

„Авионот на „Туркиш ерлајнс“ летал безбедно скоро 9.000 км. од Атланта, САД до Истанбул,Турција, но над Дојранско езеро во Македонија на само 500 км. воздушна линија од Истанбул за влакно избегнал судир со друг авион кој летал во спротивна насока.

Претходно, 7 до 8 минути пред инцидентот авионот на „Туркиш ерлајнс“ од кај Качаник, Косово влегол во воздушниот простор на Македонија и уредно се јавил на македонската контрола на летање. Бил лоциран и препознаен од контролорот на летање со помош на радарскиот систем и од тогаш бил под водство на македонската контрола на летање. Кога авионот на „Туркиш ерлајнс“ бил близу до излезот од македонското небо над Дојран на врска на македонската контрола на летање се јавил авионот на „Трансавиа“ кој пак требал да влезе во македонскиот воздушен простор над Дојран. Уредно е лоциран и препознаен со помош на радар од истиот контролор на летање. Од тогаш и „Трансавиа“ е под водство на македонската контрола на летање, т.е. истиот контролор на летање. Авионот на „Трансавиа“ доставил барање до контролорот за повисоко ниво на лет“, пишува Лидер.

Контролорот, според информациите на Лидер, без да ја анализира и увиди состојбата во воздушниот простор веднаш тоа го одобрил и со тоа ги довел во огромна опасност од судар двата авиони бидејќи авионот на „Трансавиа“ поминал низ патеката на движење на авионот на „Туркиш ерлајнс“ во моментот кога скоро биле на иста висина, најверојатно околу 29.000 стапки, или 8,8 километри, и многу блиску еден наспроти друг движејќи се со брзини од 750-950 км на час во правец на директен судир.

Експертите за Лидер велат дека сите важечки правила и прописи на светско ниво што одредуваат кои се дозволени минимални норми на оддалеченост на еден авион од друг вертикално и хоризонтално биле прекршени.

За оваа катастрофална грешка, според информации на Лидер, се вклучил алармот на радарскиот систем на македонската навигација, но и алармите на сите центри за навигација во соседните земји. Нејасно е како одговорниот контролор и инструктор по контрола на летање, кој најверојатно бил и шеф на смената, не успеал алармот да го слушне и да дозволи целосно да ја изгуби контролата на небото, посебно над овие два авиони.

За овој настан, каде можеше да загинат над 400 луѓе, М-НАВ не сака да зборува.