Лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша оцени дека откажувањето на Набљудувачката мисија на Советот на Европа претставува „јасно дистанцирање од еднопартиските фарса избори што сака да ги спроведе премиерот Еди Рама“.
Денешната одлука на Советот на Европа, главната европска институција за заштита на човековите права и демократија, е јасно дистанцирање од еднопартиските, антидемократски, и антиуставни фарса избори што сака да ги спроведе Еди Рама. Тоа е факт дека на 30 јуни во Албанија нема избори. Денес западниот свет даде прв, јасен и одлучен сигнал дека 30 јуни не е ден на избори во Албанија, изјави Баша на средба со новинарите.
Тој посочи дека првпат по падот на комунизмот, Советот на Европа одлучил да нема свои набљудувачи на избори во Албанија и покрај поканата на албанската Влада.
Според него, Советот на Европа ја донел оваа одлука не затоа што опозицијата го побарала тоа, туку затоа што 30 јуни не е законски изборен ден во земјата.
Ова е јасна политичка одлука, бидејќи Советот на Европа не ги повлече своите набљудувачи, ниту за избори кои се спроведуваа во земји каде имаше вооружени или граѓански конфликти, од Украина до Грузија, од Ерменија и Азербејџан, па дури и за време на вооружениот конфликт во Македонија, рече Баша.
Инаку, според образложението на Советот на Европа, одлуката е донесена поради постојаната несигурност во врска со организирањето на локалните избори во Албанија на 30 јуни и поради можните безбедносни ризици во одредени области.
Comments are closed for this post.