Социјалистите и групата на либералните партии, предводени од францускиот претседател Емануел Макрон, попладнево испратиле јасна порака дека тие во Европскиот парламент нема да му дадат поддршка на кандидатот од конзервативните европски партии, Манфред Вебер, за претседател на Европската комисија. Вебер е германскиот „шпицен кандидат“ зад кого застана лично канцеларката Ангела Меркел.
Пред почетокот на лидерската средба во Брисел, на која ќе се разговара за распределба на четирите топ функции, меѓу кои и таа за шеф на ЕК, односно местото на Жан Клод Јункер, парламентарните колеги му рекле на Вебер дека ја нема поддршката од нивните групи.
„Политико“ објави дека групите на социјалистичките и либералните партии го информирале лидерот на ЕПП, Манфред Вебер, дека тој нема да ги добие нивните гласови, изјавил Филип Ламбертс, лидерот на Зелените.
Битката меѓу лидерите попладнево продолжува, а со особено внимание се очекува средбата меѓу Макрон и Меркел за да се види и чуе што тие мислат за сегашнава состојба.
Партиите немаат ништо лично против Вебер, но тие сметаат дека тој не е доволно силен кандидат за предизвиците со кои се и ќе се соочува Унијата, почнувајќи од Брегзитот и многу други глобални прашања.
Comments are closed for this post.