Претседателот на Албанија Илир Мета изрази длабока загриженост во врска со опасноста од повторно воспоставување на визен режим со земјите од Шенген зоната за Албанија.
Ова следува откако Холандија достави барање до Брисел за враќање на визите за оваа земја, но и по вчерашното предупредување на Комесарот за миграции, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос за преземање мерки против Албанија.
Мета упати апел под итно да се преземат сите неопходни мерки со тоа што да не се запоставува или заобиколува каква било одговорност што би наштетила на „оваа стекната слобода на Албанците“.
„Движењето без визи е едно од најголемите достигнувања за албанските граѓани, како народ кој претрпел најголема и најдолга изолација во регионот. Сите добро се сеќаваме на долгите редици пред вратите на амбасадите, со очајни членови на семејствата кои бараат можност да се сретнат со нивните деца, роднини или можност да студираат и да патуваат во странство“, посочува Мета.
Тој ги повикува сите одговорни државни институции да го следат со апсолутен приоритет ова прашање кое носи голема чувствителност за сите албански граѓани.
Comments are closed for this post.