Германскиот новинар Петер Тиде, кој во весникот „Билд“ објави снимки од прислушувани разговори за тоа како се купуваат гласови од мафијата во полза на владејачката Социјалистичка партија на премиерот Еди Рама за тиранската телевизија „Ора њуз“ изјави дека има „уште поголеми настани за објавување за Албанија“.

„Имам големи настани за Албанија, а она што го објавив до овој момент е многу малку. Тоа е само малку. Не повеќе од еден Албанец може да ги види и слушне во овие моменти. Годинава престојував во Албанија и знам за пазарот со марихуана, а не сите знаат што се случува на тој план. Сите знаат за областите во близина на Кукс со марихуана, а мафијата е интегрален или главен дел што ја носи дрогата кон Централна и Западна Европа“, истакна Тиде.

На прашањето дали стравува по објавувањето на снимките повторно да дојде во Албанија, тој одговара со прашање зошто би се плашел кога премиерот Рама вели дека Албанија е безбедна земја. Доколку не постои мафија, додаде,тогаш нема проблем.

„Единствените што се борат против дрогата се чесните полицајци, но не верувам дека се борат и полициското раководство и градоначалниците. Можеби тоа е начинот на кој Рама дојде на власт. Треба да се борите против мафијата зашто мафијата ја раководи државата. Тука е проблемот, како на пример во Колумбија. Не верувам дека е нешто ново за Вас, доколку одите во Лазарат, Фиер, Валона се е јасно. Сите знаат дека Владата е дел од мафијата. Сите знаат дека не можеш да изградиш хотел или да имаш некоја голема инвестиција, без помош на мафијата. Нема потреба од ваква информација, тоа е логично“,констатира новинарот на „Билд“.

Тој додаде дека двапати годинава бил во Албанија,патувал низ целата земја и оти во неговата работа имал помош од албански колеги од што констатирал дека „Албанија ја раководи мафијата и корупцијата“.

„Зафатен е целиот систем. Тоа е земја водена од корупција и мафијата. Дури и во економијата, влијанието е огромно. Вие имате сиромашни луѓе кои работат напорно за малку пари и тоа не функционира во една економија. Луѓето не можат да заработат пари и нема иднина во оваа земја. Ова е најголем проблем според мене“, истакна Тиде.

Според него голем проблем е и што постои и силен притисок врз новинарите бидејќи „во оваа игра се вртат многу пари“.

Во ЕУ не се оди со мафија или притисок врз новинарите, најмалку со обвинители кои ги повикуваат новинарите да ја затворат устата. Тоа едноставно не функционира на таков начин. Забрането е обвинителите да прават такви повици, оцени новинарот на „Билд“.

Во врска со дел од неговиот напис во кој тврди дека во близина на градот Круја постои голем магацин за дрога што го контролира градоначалникот на овој град, тој во изјава за телевизијата „Њуз 24“ наведува дека тоа го истражувал и го видел со свои очи.