Ете, да не беше трибината или форумот за отчет на Владата за сработеното во изминатите две години од нејзиното формирање, функционирање и „огромни“ достигнувања соодветни на слоганот „Дојде живот“, веројатно никој немаше да знае дека премиерот Зоран Заев ни е и љубител на изреки или нарони мудрости. Па, така, сега разбравме дека во неговата родна Струмица и меѓу неговите сограѓани струмичани постоела изреката „Глеј си раатот“.
И како вистински премиер ни се пофали дека тој во политиката не влегол за да си го „гледа раатот“. Напротив. Влегол за да постигне нешто. А, тоа нешто би требало, според неговите зборови, да значи дека „преземале одговорност што никој не сакаше да ја преземе цели три децении. Го зачувавме македонскиот идентитет. Сега граѓаните чекаат јасен потег од ЕУ“.
Убаво за уво. Ама, по се изгледа, премиерот Заев заборавил дека постојат и други народни мудрости. На пример, „Умре „циганката“ што ме фалеше“. Овде јавно и длабоко им се извинувам на сите Роми за употребениот термин и молам за разбирање само заради оригиналноста на изреката. Или „Фали ме усто да не те чепам“. Сигурно има уште многу, но во моментов овие прво ми паднаа на ум, зашто некако најпластично ја отсликуваат ситуацијата и целосно се во функција на одржаната трибина или форум.
Навистина, каква цел имаше тој настан како и да се именува? Транспарентност на Владата? Дрн, дрн, јариња. Што би рекол премиерот, уште една изрека, која му доаѓа исто како „млатење празна слама“. Да зборуваш многу, а притоа ништо да не кажеш. Или, да кажеш нешто, ама одговорноста за стореното да ја префрлиш на народот. Оној обичниот, а не на оние кои како такви се вбројуваат во некаква самонаречена (квази)елита.
За каква отчетност може да станува збор кога едно убаво, добро избрано друштво се собрало во Владата и тоа неполн месец од еден претседателски изборен циклус и нецела недела од објавувањето на извештајот на Европската комисија? По првиот круг од изборите, истите тие кои вчера се фалеа со полни усти за својата (не)завршена работа, јасно и гласно низ сите медиуми порачаа дека, меѓу другото, ја сфатиле пораката на граѓаните. Што ќе рече, дека граѓаните им дадоа „жолт картон“ за изминатите две години.
Згора на тоа, во извештајот на Европската комисија пофалби заслужија договорите со Бугарија и Грција, доброоргнизираните претседателски избори и зголемената доверба меѓу различните етнички заедници. Но, забелешки имаше за јавната администрација, корупцијата, правосудството, непотизмот, недоволно инвестирање во јавната инфраструктура, критики за јавното здравство и за квалитетот на образованието…Посебно бодеше очи корупцијата и оценката дека „властите треба дополнително да ги засилат напорите и да покажат дека борбата против корупцијата е национален приоритет на сите нивоа на овластувања. Меѓутоа, корупцијата е распространета во многу области и останува прашање за загриженост“.
А, кога станува збор за граѓаните, кои сега чекаат јасен потег од ЕУ, очигледно е потценувањето на нивната интелигенција. Граѓаните кажаа, што имаат да кажат уште на референдумот за името на државата. Не беше мал бројот на оние кои предупредуваа дека е излишно да се влегува во авантури без никакви гаранции, дотолку повеќе што во изминатите две ипол децении самостојност на сите им стана јасно дека „Старата дама“ има не двојни, туку тројни, четворни стандарди и не треба да и се верува со отворено срце и душа. Токму затоа граѓаните сега ништо не чекаат.
Напротив, чека самонаречената политичка елита, која сега наивноста од влегувањето во „политичката магла“ сака да ја префрли на нивни грб. Самата таа иста политичка елита скита со времето за почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Па, така, едни ќе речат дека рокот се пролонгира за еден месец, други за три-четири, трети до крајот на годинава… Како целосно раштимуван оркестар без диригент.
Е, тоа граѓаните сигурно не го чекаат. Ги чекаат вардарци за да им се заблагодарат за духот, непокорот, саможртвата, пркосот… За освоениот европски ракометен трон. И уште еднаш, по којзнае кој пат, да се соочат со политичката перверзија на (квази)елитата, која колку до вчера од петни жили настојуваше да го уништи клубот, а сега без трошка срам им организира пречек на ракометарите, а меѓу нив, нели, и на играчот со бројот 5. И сега истиот тој играч со број 5 што ќе биде? Македонски националист или национален херој?! А, сите што ќе излезат на плоштадот Македонија“ среќни и добри домаќини или неписмени, прости и фашисти?! Ееее, жална моја Македонијо!
Comments are closed for this post.