Со свечен прием во Собранието на Македонија, претседателот на Собранието, Талат Џафери и премиерот, Зоран Заев, ги пречекаа генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и членовите на Северноатлантскиот совет на НАТО, кои се во дводневна посета на земјава.
Во своето поздравно обраќање, претседателот Џафери изрази задоволство што е домаќин на Северноатлантскиот совет, што за нашата држава претставува своевидно признание и потврда дека заслужено стануваме членка на НАТО Алијансата.
Свесни сме дека членството во НАТО е динамична категорија која носи многу предности и придобивки, но во исто време, налага и многу обврски. Зачувувањето на мирот и безбедноста на глобално ниво, справувањето со сите предизвици кои го загрозуваат мирот, почитувањето на човековите права и слободи, парламентарната демократија и владеењето на правото, сѐ се тоа вредности врз кои почива НАТО Алијансата и кои се обврска на секоја земја членка. Република Северна Македонија верува во овие принципи и во оваа пригода, сакам јавно да нагласам дека, како полноправна членка на НАТО, посветено и одговорно, како и досега, ќе продолжиме во остварувањето на овие темелни вредности и принципи кои не обединуваат со сите земји членки на НАТО“ – порача Џафери.
Генералниот секретар на НАТО Столтенберг и честиташе на Македонија за успесите што ги постигна изминатиот период на патот кон евроатланските интеграции, за храброста и решителноста да го реши проблемот со името, кој ја кочеше нашата земја премногу долго. Тој оцени дека придобивките од зачленувањето во НАТО за Македонија се веќе очигледни, т.е. инвестициите оваа година се зголемени за три пати, а државава веќе учествуваше на состаноците на министрите за одбрана и за надворешни работи на земјите членки на НАТО, што се одржаа во февруари и во април оваа година.
Нашата Алијанса се грижи за безбедноста на луѓето, но и за почитување на нашите вредности – слобода, демократија и владеење на правото. Во 1949 година, министрите за надворешни работи од дванаесет земји го потпишаа Договорот од Вашингтон. Наскоро, кога процесот на вашето пристапување ќе биде завршен, со нетрпение ќе ја пречекам Северна Македонија како триесеттата членка на нашата Алијанса. И да го видам вашето знаме развеано пред нашето седиште во Брисел, како и во нашите мисии и операции насекаде низ светот“ – порача Столтенберг.
Високата делегација на НАТО ја пречекаа и потпретседателите на Собранието, Фросина Ташевска Ременски, Горан Мисовски и Весел Мемеди, координаторите Јован Митрески, Ејуп Алими, Никола Мицевски и Елизабета Канческа Милевска, како и пратеници од повеќе парламентарни партии.
Comments are closed for this post.