Означувајќи го почетокот на изборната кампања за локалните избори што ќе се одржат на 30 јуни, албанскиот премиер и лидер на Социјалистичката партија(ПС), Еди Рама порача дека заедно со албанските граѓани го почнуваат 30 дневниот маратон кој ќе и обезбеди на ПС раководење на сите општини во земјата.
Денеска, почнува нашиот 30-дневен маратон за изборите на 30 јуни, како и потврда за Социјалистичката партија и нашите кандидати како неспорна водечка сила во секоја општина во Албанија. Денес почна маратон за политичка битка, појасна од кога и да е порано, меѓу минатото и иднината, меѓу нас кои сакаме да ја однесеме Албанија напред со програма, идеи и работа и оние кои сакаат да ја вратат назад со лаги, расправии и конфликти , меѓу нас кои сакаме нормална држава за нашите деца и оние кои единствено посакуваат власт – рече Рама на зборниот митинг во големата сала на Олимпскиот парк во Тирана.
Тој порача дека изборите нема да бидат одложени и дека тоа е одлука што не е во спротивност со демократијата. Но, доколку опозицијата се обиде да ги спречи изборите тоа би било недемократско.
Рама директно му се обрати на лидерот на опозициската демократска партија Љуљзим Баша, предупредувајќи го „да не си игра со оган“. Но, не само толку тој порача дека секој албански граѓанин кој ќе се одлучи да го крши законот и Уставот „не само што ќе биде казнет според законот,туку ќе му биде забранет влез во САД ЕУ“.
Сестри и браќа на што денес го започнуваме не е битка без противници, туку историска битка , битка за да еднаш засекогаш се стави крај на еден низок, лош, нелојален начин на водење политика поигрувајќи се со народот, со силеџиство врз јазикот кој не обединува, со насилство врз универзалната законитост на демократскиот соживот – рече Рама.
На митингот беа претставени и кандидатите за градоначалници. Поради бојкотот на опозицијата на изборите, од 61 дури во 35 општини на гласачкото ливче за градоначалник има само по еден кандидат и тоа од владејачката коалиција „Алијанса за европска Албанија“ предводена од Социјалистите.
Во останатите 26 општини во трката за градоначалник покрај кандидатите од владачката коалиција се и кандидати од неодамна регистрираната партија Демократско убедување (17),независни кандидати се 7, по еден кандидат имаат коалицијата „Надеж за промени“, македонската партија МАЕИ, грчката партија Мега, Комунистичката, Конзервативната и партијата Нов демократски дух.
Инаку, меѓу кандидатите од ПС е и Македонецот Пали Колевски,кој ќе се трка за градоначалничката функција во општина Пустец. Во оваа општина негов противкандидат е Едмонд Темелко,од Македонска алијанса за европска интеграција, кој ќе се обиде довербата на жителите да ја добие по четврти пат.
Обединетата албанска опозиција на втори јуни во 19 часот ќе го одржи седмиот „национален протест“ кој вообичаено почнува пред Владата.
Comments are closed for this post.