Змија се пикнала во креветот на жителка на Кавадарци и ја каснала пред спиење, додека 64 годишен маж од кавадаречко село исто така побарал медицинска помош поради змиско каснување. Првиот случај бил од пред околу две седмици, а вториот бил регистриран во вторникот изутрина околу осум часот. Оваа информација за МИА ја потврди Драган Димитров, раководител на Брза помош Кавадарци.
Змијата всушност им влегла дома најверојатно поради тоа што жената живее на приземје, па се сокрила во ќебето на креветот. Се случило кога домаќинката решила да си легне и да спие. Тогаш дошло до каснувањето, жената навистина многу се исплашила кога ја запалила струјата и ја видела змијата. Додека да ги викне најблиските, змијата избегала. Сега никој не знае каде е. Кавадарчанката веднаш дојде кај нас во Итната медицинска помош. Доби серум против змиски отров, имаше типично змиско каснување со два заба. Според неа, најверојатно се работи за поскок, раскажа докторот.
МИА стапи во контакт и со синот на 64 годишникот кој бил каснат од змија во кавадаречко село.
Реновиравме во селото кај што живеат моите. Го менувавме кровот на куќата. Заедно бевме. Го собравме шутот, отпадот што беше испопаѓан од страните на куќата, ѓубрето, кое стоеше неколку дена во дворот. Го оставивме во приколка и тогаш забележавме дека во отпадот всушност од претходно се пикнала змија. Се се случи за миг. Таа се почувствува загрозена и најверојатно за да се одбрани, го касна татко ми на раката. Два дена лежеше во кавадаречката болница, во ургентниот центар, појасни синот кој живее во Неготино.
Според него, била од оние змии кои во нивниот крај биле познати како брзострелки, а се движеле и по дрвја и по гранки. Тенки, долги околу еден метар, отровни.
И жената и мажот, според зборовите на доктор Димитров, сега се во добра состојба.
Comments are closed for this post.