Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер од Виена предупредува на опасноста од избувнување војна на Балканот, доколку Европската унија дозволи да згаснат надежите за пристапувањето на земјите од регионот во Европската Унија.
Ако, во крајно комплицираниот пејзаж на Европа, се појави впечаток дека не сме сериозни во нудењето ЕУ-членство на Западен Балкан, подоцна, а веројатно и порано, може таму да го видиме она што го видовме на Балканот во 1990-тите, рече Јункер во говорот пред австрискиот парламент.
Истакна, меѓутоа, дека патот до полноправното членство на земјите од западен Балкан во ЕУ е „уште долг“, бидејќи нивното напредување сé уште е „недоволно“ поради што за тоа не може да се зборува најрано „пред 2025 година“.
Но ЕУ мора „интензивно да се занимава“ со Балканот и да не дозволи да се роди идејата дека „не мислиме сериозно кога станува збор за перпсективата за членството“, имајќи предвид дека некои држави членки ја кријат својата резервираност, истакна Јункер.
„Почвата сé уште е плодна“ за воени судири во овој регион, оцени претседателот на Европската комисија во австриската престолнина Виена, каде што одржа говор во тамошниот парламент по повод одбележувањето на 100-годишнината од основањето на Република Австрија, во ноември 1918 година.
Јункер се зазема за тоа ЕУ да им предложи на земјите од западен Балкан воспоставување „економсми простор во кој би можеле да се развиваат, делумно на ист начин како кога еден ден ќе бидат членки“ на ЕУ. Истакна, исто така, дека „сите погранични спорови мораат да бидат решени пред пристапувањето“ за „ЕУ да не увезува нестабилност од Балканот“.
Comments are closed for this post.