Една од легендарните слики на пластови сено на францускиот импресионист Клод Моне достигна рекордни 110,7 милиони долари на аукција во „Сотеби“ во Њујорк.

Моне (1840-1926) серијата стогови сено „Les meules“ составена од 25 платна ги насликал недалеку од својата куќа во француското село Живерниј од летото 1890 до жетвата 1891 година.

Сликата е продадена на аукција на „импресионисти и модерни уметности“ во вторникот вечерта. Од „Стоеби“ велат дека ова е рекорд за некои од делата на Моне и прва работа од импресионист кој ја преминал бројката од 100 милиони долари на аукција.

Уметничкото дело од 1890 година е едно од само четирите од прочуена серија „Пластови“ на Моне која во овој век ќе се најде на аукција и само едно од осумте примероци кои и понатаму се во приватна сопственост. Останатите 17 се наоѓаат во музеи, вклучително њујоршкиот Метрополитен и Уметничкиот институт во Чикаго.

Претходните сопственици ја купиле оваа слика во 1986 година за 2,53 милиони долари. „Сотеби“ не издаде никакви детали за новиот купувач.