Обединетата опозиција во Албанија денес во 18.30 часот повторно ќе излезе на протест, но овој пат тој ќе биде поразличен од претходните. Според Демократската партија, која е организатор на протестите за соборување на владата на премиерот Еди Рама, денес Албанците се повикуваат на марш.

ДП во соопштението истакнува дека од маршот ќе се испрати порака за заштита на демократијата, на раздвојување на политиката од криминалот и оти ова ќе значи обезбедување слободни и фер избори.

Откако на протестите во саботата имаше повеќе повредени лица, меѓу кои и организацискиот секретар на Демократската партија, Сахит Долапи,  ДП упати апел до „чесната полиција да не се вовлекува во провокации и насилство врз граѓаните“.

И покрај тоа што владее тензична политичка атмосфера, а опозицијата предводена од ДП ги врати мандатите во Собранието, премиерот Еди Рама вчера упати повик за дијалог до лидерот на демократите, Љуљзим Баша.

Имам порака до мојот пријател – дека го загубил патот. Подготвен сум на дијалог со него. Опозициските парламентарци ги вратија мандатите, но и покрај тоа, ајде да разговараме, да отвориме дијалог, да се свртиме кон законот за нештата за кои опозицијата верува дека ќе ги унапреди животите на граѓаните. Ајде да седнеме и да разговараме за се сега, додека не е предоцна“, подвлече Рама.