Од наредната недела бензиските пумпи сами ќе ги утврдуваат цените на горивата, се додека не се донесе новата методологија за пресметка на цената на бензините и дизелот.
Старата методологија не се применува од вчера, откако престана да важи договорот со ОКТА според кој беше изготвена досегашната методологија, а Законот за енергетика не е на сила бидејќи претседателот Ѓорге Иванов не го потпиша. Сега регулаторот ќе чека повторно да биде донесен во Собранието и на него потпис да стави новиот претседател Стево Пендаровски, по што ќе имаме нов начин на пресметка на дериватите.
Според трговците согласно движењето на цените на нафтата на светските берзи од понеделник може да има намалување на цените на бензините за половина денар и зголемување кај дизелот за исто толку. Првиот човек на Макпетрол Андреа Јосифовски, за Алсат- М пак вели дека не е проблем трговците да се снајдат во овој вакуум простор на пазарот без нова методологија. Тие ќе можат да си одредат цени кои ќе важат додека не се донесе новата пресметка од Регулаторна.
Откако ќе стапи на сила новата методологија, цената на дериватите ќе се пресметува врз основа на цената на нафтата на светските берзи, а не како досега врз основа на прозводната цена која ја даваше ОКТА. Ќе биде вкалкулиран курсот на доларот и трошоците на трговците, со пресметана маржа.
„Трошокот за транспорт од местото каде што се купува до складовите каде што ја складираат исто така ќе се земе во предвид, потоа ќе се земе во предвид и маржата којашто треба да ја имаат и трговците и на големо и што продаваат во малопродажба, а исто така ќе ја земеме во предвид и транспортот од складовите на трговците до бензиските станици“, рече Марко Бислимовски, претседател на регулаторна комисија за енергетика.
Новина во следниот период е и тоа што наместо на две недели регулаторна цената на горивата ќе ја утврдува на седум дена.
Comments are closed for this post.