Две прекршочни постапки против претседателот Ѓорге Иванов како физичко лице и една против министерот за економија Крешник Бектеши одлучи да поведе Антикорупциската комисија на денешната седница.
Постапките против Иванов се однесуваат на неодамнешните назначувања и унапредувања на повеќе војни лица, извршени по распишувањето на претседателските избори, а за Бектеши затоа што не ја известил Комисијата при вработувањето на неговата сестра Влора Бектеши во МЕПСО, која во тој момент се водела на иста адреса на живеење.
Иванов неодамна со укази ги назначи поранешниот аѓутант Мирче Ѓорговски за воен претставник во седиштето на НАТО, полковник Маријо Јуришиќ за воено аташе во Франција, началникот на ГШ, Васко Ѓурчиновски, го унапреди во генерал-потполковник, Драган Ковачки стана командант на Првата механизирана пешадиска бригада, а Бесник Емини началник на штаб во Здружената оперативна команда.
Антикорупционерите одлучуваа по 18 предмети, што беа отворени во февруари годинава, а поврзани со непотизмот при вработувањата на лица блиски до носители на високи политички функции. Притоа е утврдено дека кај пет предмети нема никаков основ за преземање било какви мерки, додека за девет се добиени сознанија дека има злоупотреби на овластувањата, главно кај директорите на државните институции во кои се извршени вработувањата. Основна карактеристики се (зло)употребата на нивното дискреционо право при вработувањата, како и (не)креирните нови работни места, непостоење записници од интервјуата со кандидатите, ранг листи и направни бодирања.
Нови работни места, на пример, биле креирани за вработувањата на Хидоете Алили, сестра на министерот Асаф Асеми, во ХЕЦ Маврово, Виктор Стојчевски, син на пратеничката Мира Стојчевска-Дизел, Мери Поповска, мајка на сопругата на Александар Кирацовски во Државниот училишен дом „Мирка Гинова“ во Битола, како и за Мирјана Јосифовска, сестра на Кирацовски, во Централниот регистар на РСМ. Сестрата на Кирацовски била вработена во дирекцијата во Скопје како советник за дистрибуција на податоци или во маркетингот, само до ноември лани, а потоа поради зголемен обем на работа на барање на директорот на битолската подружница била преместена во Битола каде и живее.
Comments are closed for this post.