Како и секои избори така и за овие претседателските 2019, се прават најразновидни анализи, се вкрстуваат цифрите и процентите…и се дебатира за една дилема – дали бројот на неважечки ливчиња влијаеше или можело да влијае на крајниот резултат?

На овие избори се забележани 32.828 неважечки ливчиња и според излезноста која едвај е над 40 проценти, јасно е дека станува збор за голем број. Во проценти тие ливчиња се 4,31 од вкупниот број излезени гласачи. Ако ги претвориме на пример во пратенички мандати, тие би биле најверојатно 3-4, што ќе рече една парламентарна група.

Љупка Гугучевска, портпаролката на Државната изборна комисија на прашањето на Пресинг ТВ дали технички е можно да се пребројуваат тие повеќе од 32 илјади неважечки ливчиња, вели дека „тоа е процедура која се спроведува ако има приговори“.

„Хипотетички постои таква можност, но да речеме тоа би била во промили. Зашто пребројувањето се изведува доколку има приговори. Изборниот материјал е запечатен во кеси, тој е пломбиран, заверен од избирачките одбори…Постојат многу мали шанси целиот тој материјал повторно да се отвора“, вели Гугучевска.

Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ денес немаа став, а ни анализа по прашањето за големиот број неважечки ливчиња и ни напоменаа дека анализите веќе се прават и во наредните денови ќе ги соопштат своите опсервации и анализи.

Што се однесува до бројот на неважечки ливчиња, тие се навистина големи, но не се и рекордни. Но, сепак, за разлика од ланскиот референдум кога имало 19.230 неважечки, оваа цифра изгледа голема.

На претседателските избори во 2014 година, кога во трка беа Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски, во вториот круг имало 34.707 неважечки гласачки ливчиња. Рекордите се забележани на првите парламентарни избори во 1990 година кога во првиот изборен круг имало дури 60.144 неважечки (5,3 проценти), а ништо подобра не била ниту состојбата во првиот изборен круг на парламентарните избори во 1994 година – дури 54.330, но треба да се издвои дека во тие циклуси и одзивот бил многу поголем, па се движел и над 70 проценти.

По неделните претседателски избори се чини се појавува интересен предизвик за анализа. При мала излезност и многу неважечки ливчиња, дали сме имале ситуација кога незадоволните избирачи од актуелните политики и понудите и на власта и на опозицијата, не сакале да им се злоупотреби гласот, па едноставно гласачките ливчиња ги поништиле? Или, пак, се отвораат сериозни сомнежи за изборна манипулација? Сепак, повеќе од 32.000 ливчиња можат да бидат и гласови за еден или за друг кандидат, и тоа гласови кои го решаваат и потребниот цензус и кој ќе биде идниот претседател на Републиката.