По долга битка главниот град на Грција, Атина конечно ќе добие џамија, прва од половината на 19. век кога земјата беше под Отоманска власт. Се проценува дека во Атина живеат околу 250.000 муслимани каде живеат и работат со децении. Својата религија ја практицираа тајно во подруми или во гаражи. Муслиманите немаат ниту официјални гробишта, прашање за кое се води долг спор.

Се претпоставува дека само во Атина има седумдесетина импровизирани џамии, објекти на кои има само натпис на арапски јазик.

Плановите да се изгради официјална џамија во Атина постојат одамна, но главна пречка тој проект да се оствари главно беше Грчката православна црква, а и владите наоѓаа начини да го заобиколат тој проект. Но, под силен притисок однадвор, со напомена дека Атина е единствената европска престолнина во која нема официјална џамија, во 2006 година беше потпишан претседателски указ со што се отвори патот за иградба на џамија. Изградбата почна во мандатот на премиерот Алексис Ципрас. Џамијата, која во моментотв има 1.000 квадратни метри е готова и таа целосно е финансирана од владата.

Ехаб Елсајед, еден од членовите на џамискиот одбор, вели дека „таа е убава, чиста со посебни простории за мажите и за жените, со многу простор со зеленило“.

Џамијата се наоѓа во индустрискиот дел на Атина, сместена меѓу поморската база и гаражи и бизниси. На една височинка има натпис на грчки јазик:„Нема џамија, Стоп за Исламот. Православието е мртво“.

И покрај добрите страни , верниците негодуваат од повеќе причини: првата е што џамијата нема минаре, а второ, дека таа е премногу далеку од градот и оти е премала.