Најмалку 121 лице се убиени, а 561 е повредено за десет дена откако почна офанзивата на либискиот командант Калифа Хафтар врз либискиот главен град Триполи, соопшти денеска Светската здравствена организација.
Не се наведува колкав е бројот на цивили меѓу настраданите.
Од канцеларијата на СЗО во Либија се осудуваат новите напади врз медицински персонал и возило на итна помош во Триполи.
Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања во одделно соопштение истакна дека 13.500 луѓе се раселени во борбите, од кои 900 се сместени во прифатни центри.
Во жестоките борби од 4 април јужно од Триполи се судруваат силите на Владата за национално единство, која е призната од меѓународната заедница, и силите на командантот Хафтар.
Покрај копнените борби, двете страни секојдневно извршуваат и воздушни напади и меѓусебно се обвинуваат дека мета им се цивилите.
Comments are closed for this post.