Ќе се воведуваат нови видови на производи како органско или ароматизирано вино и многу други продукти со измените на законот согласно регулативата на ЕУ, соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, по средбата со лозари и преработувачи на грозје во Кавадарци.
Од особен интерес, рече тој, за зголемувањето на производството на вино, особено кај оние бутик или семејни винарии, во измените веќе стои дека малите винарии нема да има потреба да вработуваат енолог, туку може и со ангажирање со соодветен договор, тоа било едно од барањата кои ги прифатиле рече Николовски.
Министерот за земјоделство потсети дека, согласно програмата за директни плаќања, навремено се исплатени парите на околу 15.208 лозари по однос на основните субвенции.
„Минатата недела беа исплатени и производителите кои имаа проблем наследен од претходната Влада. Се работеше за неисплатеното грозје од регистрирани винарии, откупувачи регистрирани во Министерството за земјоделството, од претходни години. Најдовме модел и исплатени им се тие пари на лозарите за 2014, 2015 и 2016 година. Не се расчистени долговите кон лозарите, кога се работи за откупувачи кои не биле дел од регистарот на Министерството. Но, изнаоѓаме начин како и тие лозари да си ги добијат парите“, изјави Николовски.
Тој нагласи дека за 100 проценти е зголемена поддршката за сите винарии, за секторот кој е извозно ориентиран, како гранка која е стратешка за домашната економија, а таквата поддршка од претходната година дала и резултати. Зголемен извоз на флаширано вино за девет проценти, а зголемен е и девизниот прилив.
Comments are closed for this post.