Кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова на митинг во Куманово побара поддршка од граѓаните, ветувајќи им дека, таа ќе докаже оти е од народот и за народот.
„Мојот кабинет ќе го сочинуваат луѓе кои ќе имаат искуство и знаење и кои ќе бидат професионалци во својата област. Секогаш кога пред мене на маса ќе се најде Закон што по консултации со тие експерти околу мене ќе заклучиме дека го крши Уставот, нема да го потпишам, ќе ставам вето, но ќе побарам заради граѓаните, заради вас да го образложам пред пратениците, оти имам право на обраќање, па нека процени народот дали се моите аргументи во ред или на оние кои заради послушноста не сакаат да го разгледаат уште еднаш или да го вратат на доработка. Тогаш јас ќе докажам дека сум од народот и за народот“, рече Силјановска.
Според Силјановска во Собранието има пратеници кои носат одлуки без дијалог, претходно договорени, наместо разумни одлуки за доброто на граѓаните.
„Ние имаме едно партиско послушно комунистичко собрание, ова не е навреда за минатото туку сакам да кажам дека без опозиција, без дијалог нема делиберативна демократија оти тоа значи расправа со аргументи. Ако 81 човек таму само чека да притисне на копчето бидејќи претходно веќе е донесена одлука тогаш тоа не е парламент“, истакна кандидатката за претседател.
Проблемите на граѓаните рече Силјановска е најдобро се решаваат таму каде што се раѓаат.
„Не се гледаат проблемите на Куманово подобро од Скопје. Е тоа не го прават. Затоа не е доволно да добиете претседателка на дравата, туку е потребно да му дадеме шанса на премиерот да си го исполни зборот дека ќе распише предвремени парламентарни избори“, кажа Силјановска.
Говорејќи за правната држава таа потсети:
„Набрзо ЕУ и ЕК не само што ќе предупредува, туку ќе почне и да ги казнува оние кои не водат сметка за правната држава. Кој е сега Европеец, прашувам, тој што повикува на правна држава или тој што повикува на политика надвор од границите на правото и институциите, па мисли дека е добро да имаме слаби институции за тие да бидат јаки политичари. Не, одлуките мора да ги носат легалните и легитимни тела во уставна и законска процедура, а не по некои различни клубови, па брда во близината на Скопје, па езера и слично. Тие се за одмор, за уживање, а институциите се за одлучување“.
Comments are closed for this post.