„Дуелот на деценијата“ ни покажа дека на располагање се само познати одговори на темите каде партиите се чувствуваат „сигурни“ и решенијата зависат само од нивната утврдена траекторија. Но затоа веќе бројката од 600 илјади македонски иселеници во оваа деценија и кусур јасно кажува: Во земја каде политиката бега од вистинските прашања, граѓаните бегаат од земјата и нејзините политичари.
Според статистиката минатата година од Северна Македонија емигрирале околу 43.000 граѓани. Сликовито, тоа е како за една година да снемало цел еден Прилеп на пример. Само во 2018 година сме загубиле цел еден (поголем) град работно и репродукциски способни луѓе – извор на профит за фирмите и на средства за буџетот и фондовите. Од сите профили и припадности. И нивните деца.
Ако ова е бројка од само една година, а ескалацијата на емиграцијата не е нова, туку тековна состојба, само за една деценија сме изгубиле најмалку половина милион, а проценките што веќе се соопштуваат во јавноста надминуваат и 600.000 жители. Ако само лани ни се отселил еден Прилеп, деценијава од земјата си отишло повеќе од едно цело Скопје. Иселувањето дури и во и по 2001 не беше ваков (регионален) тренд од епидемиски размер, па во неделата (демек „пи-ар сензитивно“) ги чувме и првите последици: 5 од 8 плански региони имаат негативен прираст, односно бележат повеќе умрени одошто родени жители.
Кога и без вакви статистички показатели во кампањата 2016 предупредив дека со обична механичка замена на власта (како што се случи) иселувањето само ќе подзастане, а за шест месеци се ќе продолжи со исто темпо – наидов на големо неодобрување. Денес само жалам што не предупредив порано. Лесно беше да се претпостави дека големите очекувања создаваат големи разочарувања и как секого предизвикуваат радикални расчистувања со приоритетите.
Објаснувањето за тоа зошто продолжува иселувањето до степен на евакуација и покрај отворањето на портите на НАТО за С.Македонија може да се најде и во истражувањето објавено минатата недела, според кое најнесреќни граѓани од екс-Ју републиките се токму македонските.
Чувството на несреќност е емоција стекната од секојдневието, но колективнава меланхолија не е предизвикана од само еден настан или област на живеење. Тоа е последица на чувството на заробеност во локалното и државното економско, социјално и политичко опкружување каде луѓето не ја гледаат сопствената и перспективата на своите блиски. Не во мачното функционирање еден месец или година, туку во постојаното функционирање во опкружување каде правото на среќа е резервирано за тесен круг миленици на системот, правдата е недостапна, а пристапот до можностите ексклузивен за тесните партиско-медиа-економски елити подготвени некритички да го хранат егото на уште потесен круг нивни (дипломатски) спонзори.
Затоа, откако ќе увидат дека ги исцрпиле сите можности за надминување на проблемите „дома“, се поголем број луѓе одат во земјите/системите каде со сопствено знаење и работа ќе го заработат потребното, така ќе ги воспитаат своите деца и со право ќе очекуваат интегрирани, следните генерации да живеат спокојно и просперитетно. Онака како што сакале и во Македонија да прават бизнис или да градат кариера без зависност од државата и некоја партиска камарила, да градат политика врз основа на решенија и знаење, а не врз основа на негативна кадровска селекција на една семејна, клановска или бизнис каста, да градат семејство во општество каде одговорноста и работливоста се доблест, а не одраз на наивност.
Aко ги погледнеме парламентите и владите на многу европски и прекуокеански земји, очигледни се примерите на втората генерација иселеници кои веќе се искачиле на социјалните скали во новите татковини на нивните родители. Веројатно веќе за една деценија во нив ќе видиме и луѓе што потекнуваат од македонската нација, но ќе градат економии и политики таму наместо тука. Штета, нели?
Состојбата е алармантна и бара итни решенија, а не бајати флоскули и ликови. Но затоа веќе бројката од 600 илјади македонски иселеници во оваа деценија и кусур јасно кажува: Во земја каде политиката бега од вистинските прашања, граѓаните бегаат од земјата и нејзините политичари.
И тука не помага ниту носталгија за минатите времиња ниту зачауреност во точките на сигурност, туку расчистување со познатите матрици и пракси. За почеток, еве, додека избираме претседател, преговараме за СЈО, чекаме датум за преговори итн., да се подготвуваме и за попис и да се соочиме со нефризираните параметри на човечките ресурси во државата (број и структура на население и домаќинства). За да ги димензионираме материјално-економските ресурси во образованието, социјалната заштита, здравството, администрацијата, во областите и обемот на државната помош… па да ги проектираме инфраструктурните приоритети (патишта, хидро-мелиоративни системи, далноводи…) и да знаеме во и за што одржливо ќе инвестираме. Паралелно со деполитизирањето на правосудството и институциите, за правна сигурност за граѓаните и бизнисот. Во спротивно, ќе имаме само (уште) едно пребројување по мерка на партиите кои за една деценија нема да имаат ни еден милион гласачи во земјата од кои ќе бараат доверба и поддршка. Вкупно, за жал.
Инаку тв-дуели ќе има, но ќе нема гледачи. Гледачите ќе бидат на Скајп и ќе си разговараат со иселените внуци. Не на македонски или албански… туку на англиски или германски…
Comments are closed for this post.