Скопјанец во својата годишна даночна пријава за 2017 та година евидентирал 212 милиони денари што е и највисок годишен бруто – приход во Република Македонија, објави денеска Управата за јавни приходи.

Втор на листата со остварен годишен бруто приход од 207.587.649 денари, исто така, е граѓанин од Скопје. На листата со највисоки приходи пријавени во Годишната даночна пријава за 2017 година има и граѓани од Струга со остварени 135.137.869 денари. Од останатите во Топ-10 сите се скопјани, освен еден битолчанец и сумата се движи од 128 до 93 милиони денари

Највисоката годишна бруто плата во 2017 година изнесува 167.687.011 денари, исплатена во секторот здравство во Скопје, а потоа следуваат платите од 123,3 и 96 милиони денари на уште двајца скопјани во трговијата и фармацијата. Останатите плати во Топ-10 се од 56,6 до 48,7 милиони денари, а тука покрај скопјани, има двајца охриѓани и по еден од Струга и Дебар.

Петнаесетгодишник е најмладиот милионер во земјава за 2017 година. Тој остварил доход од над 16.339 евра, а исто толку остварил и најстариот милионер кој има 98 години, во категорија заработка до милион денари. Најмладиот милионер приходот го остварил од интернет услуги.

Дваесетгодишник, пак, е најмлад милионер кој остварил приход од над 162.600 евра колку што остварил приход и најстариот во категоријата заработка до 10 милиони денари, кој има 86 години.