Попладнево почнува втората рунда преговори на работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ за законите за Јавното обвинителство, за СЈО и за Советот на јавните обвинители.
Вчера лидерот на преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Менкиноски објави принципи и насоки за донесувањето на законот за јавното обвинителство при што постави 3 услови, без кои како што вели не се може во донесувањето на законите. Еден од нив е обвинителот да го предлага опозицијата.
Министерството за правда по ова објави соопштение во кое рече дека од ВМРО-ДПМНЕ очекувале амандмани, а не принципи и насоки.
Со досегашниот несериозен однос во процесот на носење на законот за Јавното обвинителство, ВМРО-ДПМНЕ покажа дека амнестијата на сторители на сериозни кривични дела од редовите на нивната партија им е поважна цел од европската иднина на нашите граѓани“, оценуваат од Министерството за правда.
Пред состанокот на работните групи адвокатот Менкиноски за Пресинг ТВ кусо изјави:
Одам на состанок, но ако ме прашувате дали ги носам амандманите, велам – не. Амандмани нема да има доколку не се прифатат нашите принципи и насоки. Чекаме писмен одговор на нашето барање. Тоа е основа за натамошни разговори и би било беспредметно да доставуваме амандмани, ако не се прифати ова што принципиелно го бара ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на прес-конференција повтори дека трите клучни услови за донесување на Законот за ЈО се целосно имплементирање на меѓународните стандарди, принцип на заштита на основните човекови права и принцип на независност, неутралност и ефикасност во борбата со криминалот.
Comments are closed for this post.