Македонскиот репрезентативец Горан Пандев имаше одличен настап за Џенова против Јувентус и буквално го „нокауитраше“ италијанскиот гигант со една асистенција и еден погодок. Ова е прв пораз за Старата дама сезонава во Серија А, во 28. коло од шампионатот, со резултат од 2:0, голови што ги постигнаа двете замени на тренерот Чезаре Прандели.
Џенова уште еднаш се покажа како „тврд орев“ за Јувентус, со оглед на тоа дека во првиот меч на „Алијанц“ одиграа 1:1.
Првата интересна ситуација се случи во 32-та минута, кога судијата Марко ди Боло доби нформација од ВАР собата за потенцијален пенал за домаќините. Сепак, по консултација со колегите, судијата одлучи дека удар од 11 метри нема да има.
Масимилијано Алегри ја „растресе“ екипата на полувреме и тоа му се исплатеше во 56-тата минута, барем на прв поглед. Пауло Дибала ја погоди мрежата на Џенова, но на сцена стапи ВАР технологијата и голот беше поништен поради офсајд.
Шокот за „старата дама“ следеше во 72. минута кога Стефано Стураро го совлада голманот Матија Перин кој исклучително лошо го процени летот на топката. Стураро постигна гол само неколку минути откако влезе во игра како замена за Дарко Лазовиќ.
Точката на натпреварот ја стави ветеранот на европскиот фудбал Горан Пандев. Нашиот искусен 35-годишен фудбалер со мајсторски шут ја погоди мрежата и ги постави конечните 2:0 на натпреварот.
Comments are closed for this post.