„Поединците кои нелегално градат на Матка се лица блиски до градоначалникот Блерим Беџети и владејачката ДУИ“, откриваат во соопштение испратено до медиумите од политичката партија Левица.
Ваквото тврдење, освен пристигнати информации, од партијата го поткрепуваат со фактот дека 39 институции кои се надлежни за заштитата на кањонот Матка, не презеле никакакви механизми за откривање на локалните моќници кои го уништуваат автентичниот изглед на ова заштитено подрачје.
„Институционалниот молк за дивоградбите во заштитеното подрачје Матка уште еднаш потврди дека функционерите на ДУИ единствено работат за своите криминални цели, на штета на јавното добро и интересите на сите граѓани. Директорот на Државниот градежен инспекторат Локман Љимани, сѐ уште одбива да се обрати до јавноста, откако оваа институција се прогласи ненадлежна за градењето на Матка, иако членот 145 и 149 од Законот за градење предвидува, во случај на непостапување на општината, Државниот градежен инспекторат да ги презема сите надлежности“, стои во соопштението.
Од Левица јавно го прашуваат градоначалникот на Сарај, дали се точни информациите дека негови блиски лица градат на Матка и дали најавите за легализација претставуваат уште еден обид да се заштитат поединци блиски до ДУИ.
Истовремено од партијата бараат сите надлежни органи да постапат координирано во рамките на своите законски надлежности, користејќи ги сите механизми кои им стојат на располагање, за да се спречи неказнетото градежно дивеење и уништувањето на едно од најстарите природни богатства.
Comments are closed for this post.