Од (се)партиската еуфорија со хамлетовска дилема „да се биде консензуален“ или „да се биде сензуален“ кандидат за претседател на Република „С“ Македонија, свеста веќе ни се замати! Сепак и во оваа состојба на зашеметеност, се обидувам да направам ретроспектива на случувањата и на темите што треба да ги споменеме како актуелни изминатите денови. Како такви ги изделувам: дивоградбата на езерото Матка; бесправната сеча на шумата во НП Галичица (долж граничната линија со Република Албанија и во атарот на село Велгошти); потоа, најавеното изведување на пробно попишување со графа за националната припадност на испитаниците (што и да значи ова!); разбравме за присутната загриженост на господинот Нимиц и покрај тоа што грчко-македонскиот „спор е решен“, мислејќи пред сè на работатата на Комитетот за учебниците и на комерцијалната употреба на името „Македонија”; на ова се надоврзува и изјавата на нашиот господин Габер дека споменатиот Комитет „нема да брише, туку ќе ги адаптира учебниците по историја и географија“, нејасно говорејќи за анализирање на „идеолошката и филозофската страна на она што ќе се изучува како историја и географија“, а министерот Димитров го препушти македонското национално малцинство во Грција на милоста нејзина; другата, пак, комисија македонско-бугарската ќе работела на подобрување на историскиот наративот (веќе се вџашувам!); а изјавата на еден млад владеачки примерок, дека „кога сме без пари, чуму ни е идентитетот“, доволно ме шашардиса за да продолжам со евиденцијава на настани, се откажувам…!

Но, од сево ова произлегува заклучокот дека сме сведоци на насилно спроведување на активности во однос непочитување на законската процедура и регулатива (Матка и НП Галичица), но и во однос на непочитување на правото на самоопределување на македонскиот народ како универзална вредност (мислам на другите посочени теми). Тоа зборува за квалитетот на нашиот општествен идентитет! Наместо да бидеме цинични и да мистифицираме, треба да знаеме дека, една држава се гради, развива и брани со ЗАКОНИ, односно нивно почитување и спроведување! Така се гради општествена одговорност, демократија и идентитет! За жал, во нашиов случај, сè е обратно од споменатава мудрост! Во однос на македонското прашање „правната мудрост“ и праведност е заменета со „политичка мудрост“, која има и ќе има недобро влијание на македонската сегашност, односно иднина. Затоа што, минатото, сегашноста и иднината (на македонскиот народ) се поврзани во низата на ИСТОРИЈАТА. Нејзиното проучувањето со едното око вперено на сегашноста е извор на многу гревови и софозми, односно тоа е „неисториски“. Науката, оддамна има констатирано дека нашето, човечко сфаќање за историјата го одразува и нашето, човечко сфаќање за општество. А, пак, она општество што ја има загубено вербата во својата способност да напредува кон иднината набргу ќе престане да се интересира и за своето минато. Ова и го кажав на една национална телевизија која подготвуваше емисија за „Договорот за добрососедство“ со Бугарија. Но во процесот на монтажа е скратено моето искажување за значењето на глаголицата во градењето на македонската историска содржина, за Климент и Наум и нивната заслуга во грдењето на македонската етногенеза, за дијалектичната природа на историјата како наука, наспроти политиката и др., но и искажувањето за искуставата на заедничката Полско-германската комисија основана 1972 г., како и за Полско-руската група за сложените прашања (основана во 2002г.). Притоа, овие комисии имаат една јасна основа, взаемно признавање и почитвање на историскиот, националниот и јазичен идентитет на соработникот од другата страна. Нема во овие зеднички комисии оспорување на посебниот историски развој на секоја страна репрезент на конкретниот народ, јазик, култура, традиција и сл. Во тоа е разликата во однос на нашиот случај – негација на посебен македонски развој низ историската вертикала на општествените формации, јазик, народ, идентитет и сл. Тоа е пак така, заради на нискиот инелектуален, културен, научен, политички, државен и демократски капацитет на сите вклучени чинители во овој процес и прашање.

Меѓу другото, да ве потсетам: СЕВЕРНА, никогаш! МАКЕДОНИЈА на Македоците!