Само по неколку месеци откако во Истанбул беа воведени автомати на кои во замена за пластични шишиња и алуминиумски лименки се даваат автобуски билети, резултатите се извонредни. „Дејли сабах“ пишува дека се собрани стотици илјади шишиња, што придонело градот да се чисти од отпадот, а и да се намали емисијата на јаглен диоксид.
Од септември лани кога се поставени машините, во нив се собрани 785.084 шишиња и лименки за рециклирање, а тоа значело издадени 34.000 бесплатни билети за јавниот транспорт. Пресметките покажале дека со собраните шишиња се спречила емисија на 41 тон стакленични гасови, а се заштедени 12.000 литри горива.
Во моментов низ градот се поставени 96 автомати во кои се ставаат шишињата и лименките, а кои потоа издаваат билети за јавниот транспорт, најмногу во училиштата на метро станиците.
Плановите на властите на Истанбул, мегалополисот во кој живеат најмалку 15 милиони луѓе, е во првата година да се соберат 2 милиони шишиња и лименки.
Спонзор на проектот е првата дама на Турција, Емине Ердоган.
Comments are closed for this post.