Собранието вечерва во 21 часот ќе ја одржи 89. седница на која пратениците ќе расправаат за имунитетот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски.
На дневен ред на седницата е барањето за одобрување притвор на пратеникот Вељаноски, поднесено од Основен суд Скопје 1 – Скопје, Одделение за организиран криминал и корупција.
По два дена жестока дебата, собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања синоќа не донесе одлука за барањето на Кривичниот суд за одобрување притвор на пратеникот и поранешен претседател на Собранието поради сомнение за вмешаност во настаните од 27 април.
Гласањето беше изедначено, односно четири гласа беа „за“ и четири „против“ што значи дека сега одлуката дали ќе му биде одземен пратеничкиот имунитет на Вељаноски ќе треба да ја донесе Собранието.
Барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељановски следи откако тој заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во средата беа приведени на распит поради сомнение дека се дел од организаторите на настаните од 27 април. Вељаноски тогаш се повика на пратеничкиот имунитет.
Comments are closed for this post.