Ги обезбедивме двете важни сидра за нашата држава, обезбедивме членство во НАТО и обезбедуваме почеток на преговори со ЕУ и сега сите политики може да имаат повеќе смисла, истакна потпретседателката на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска на трибината „Фер општество – Шанса за сите” која денес се одржа во Битола.
-Многу се посветивме на овие две цели и успеавме, а сега нашиот фокус го посветуваме на домашната агенда, додаде таа на средбата со битолчани.
–НАТО не е само стратешки успех на Република Северна Македонија, туку претставува и брза патека за економски раст на земјата, а тоа ќе донесе бенефит, пред сé, за младите. Членството во НАТО, гледано од искуството на другите земји, трикратно ги зголемува странските инвестиции, обезбедува услови за зголемување на работните места, како и раст на платите, истакна вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.
На трибината во Битола министерката Шекеринска потсети дека во изминатиот период власта посебно се посветила во нормализирање на состојбите во државата, и како што рече, се што било урнато се исправи на нозе.
-Нашата цел беше тоа да го направиме брзо и притоа плаќаме голема цена, но политичката цена треба ја плаќаат политичарите и партиите, а не државата. Напротив, државата треба да профитира. Да се знае дека неможе да дојде власта и да очекува аплаузи, туку да очекува и тешки прашања, да не бега од медиумите, да не ги плаши медиумите. Главните политики за кои кажавме дека ќе има промена, едно по едно ги реализиравме. Ние сакаме да бидеме посиромашна Влада на побогати граѓани, и затоа политиката на пораст на платите, на создавање на подобро платени места ќе ни бидат главна политика, и кога ќе работиме за членството во НАТО, и кога лобираме кај земјите членки, нашиот фокус е подобар живот во нашата држава и верувајте, сега кога ја исправивме државата на нозе, ќе бидеме многу поефикасни во испорачувањето на услуги од кои зависи животот на секој граѓанин, рече Шекеринска на интерактивната средба со битолчани што се одржа денеска.
Comments are closed for this post.