„Група интелектуалци од Скопје“ неодамна во Софија учествуваше на дебата на покана на Македонскиот научен институт од Софија на која се расправало за „Односите меѓу Бугарија и Македонија“. Македонската група, Институтот Аргументум, како што стои во соопштението на Доцент д-р. Александар Гребенаров од МНИ, ја предводел професорот Владо Бучковски, а во неа биле и политикологот Васко Шутаров, и новинарите Марјан Николовски и Гоце Михајловски. Учеството на форумот на двајца македонски новинари, има посебна тежина, ако се земе превид дека акцент во дискусиите е ставен на антибугарскиот тон пред се во медиумите.

Како што се вели во соопштението на МНИ, на форумот се одвивале бурни дискусии по прашањата за Уставот на РС Македонија, државно политичките односи меѓу двете земји, медиумите и взаемната соработка, за Коридорот 8 и деловните перспективи, слободно движење на луѓе и стоки, културно-историско наследство, авторските права, историското сеќавање. Очигледно, домаќинот се потрудил да постави многу теми, но исто така сите од голема важност и поврзани со Договорот за добрососедство и соработка.

Како што се наведува во соопштението, МНИ вели дека се отворила дискусија по прашањето за причините за острата антибугарска пропаганда, која е како поплава во македонските медиуми. Анализирана била и хронолошката граница од која Македонија почнува да гради своја историја, а тоа е 1944 година.

Следната сесија на бугарско-македонските дијалози ќе се одржи наскоро во Скопје.

Пресинг ТВ денес побара коментар од професорот Бучковски во врска со соопштението на МНИ.

„Во духот на градењето доверба не го коментираме соопштението на МНИ“, се вели во реакцијата на Бучковски.