Последната дводневна средба на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, што се одржа во Скопје, по се изгледа, заврши со „бел чад“. Судејќи според соопштението на Институтот за национална историја, како што пренесува МИА, постигната е согласност за заедничко одбележување на цар Самоил, Свети Климент и Свети Наум.
По долги дебати, заедничката комисија постигна согласност да даде препорака до владите на двете држави дека постојат доволно елементи за заедничко одбележување на Св. Климент, Св. Наум, и цар Самоил, како мост за градење на меѓусебни пријателски односи, во духот на Договорот за пријателство и добрососедство, стои во соопштението од Инститот за национална историја.
Во соопштението уште се додава дека на средбата е разгледувана можноста за заедничко одбележување на некои историски личности, кои се значајни и за двете држави, додека дискусијата за учебниците по историја е одложена за следната средба. Ова е четврта средба на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, која е формирана согласно Договорот за добрососедство меѓу двете земји.
Иако е дискутабилно зошто ваквото соопштение доаѓа од ИНИ, а не од надлежното Министерство за надворешни работи, сепак, ако внимателно се следат работите, на последните две средби, во Софија и во Скопје, евидентно е дека се разговарало и се решавало на изготвување препорака за зедничко јубилејно чествување на споделени личности и настани од минатото. Па, според тоа што досега е сработено и договорено, такви препораки се дадени за светите браќа Кирил и Методиј, Св.Климент и Св.Наум охридски, цар Самоил и Григор Прличев. Но, цар Самоил беше личноста околу кој најдолго се дискутирало.
По триумфализмот во Бугарија меѓу двете средби, што се манифестираше преку изјави од историчари, а посебно од политичари, барем кога станува збор за цар Самоил, судејќи според изјавите од последната средба, очигледно преовладал духот на разумот и на она што може да претставува мост на поврзување, а не на патернализам или на победници и поразени. Што значи дека двете страни го нашле најмалиот заеднички содржател, што треба да биде влог за добрососедските односи, кои не треба да робуваат на споровите од минатото, произлезени од чисто политички потреби.
Каква е точната формулација засега знаат само членовите на комисијата и надлежните министерства. Но, настапот на Петар Тодоров, член на македонскиот дел од комисијата, на 1ТВ фрла доволно светлина за тоа во која насока се одвивале работите. Одговарајќи на прашањето чиј е цар Самоил, тој изјави:
На мајка му и на татко му.
Нешто блиску или многу слично со неодамнешната изјава на премиерот Зоран Заев за Н1 телевизијата за Босна и Херцеговина, кога рече дека цар Самоил е „син на Бога“.
Со други зборови, ова значи дека цар Самоил не е национализиран, на што упорно инсистираше бугарската страна.
Забележливо е дека наспроти најавите, работата околу учебниците ќе оди побавно. Забелешките на нивните содржини се дадени од двете страни, па останува да се види како ќе се развива овој процес.
Но, неизбежен е впечатокот дека последната средба во Скопје како да мина во сенка на интервјуто на проф.Драган Ѓоргиев, првиот човек на македонскиот дел од комисијата, дадено ден претходно за државната агенција МИА. Во неговата „полемика“ со својот колега Ангел Димитров околу чествувањето на Гоце Делчев, тој, меѓу другото, ги предупреди политичарите, особено домашните, да внимаваат кои личности и настани почнуваат да ги чествуваат заеднички. Зашто, со тоа апсолутно ја девалвираат работата на комисијата и ја ставаат политиката над науката, односно историјата.
Комисијата воопшто нема дадено мислење до владите, ниту во Бугарија ниту во Македонија дали Делчев треба да се чествува заеднички или не, но политичарите веќе тоа го практикуваат и во извесна смисла тоа ја доведува во прашање работата на Комисијата во тој сегмент. Дали ние треба да даваме сугестии до Владата за заеднички чествувања кога веќе политичарите тоа го практикуваат? Зошто им е потребно толкување од нас? Веќе го чествуваат и Делчев и Самоил и браќата Кирил и Методиј (минатата година беа заедно во Рим). Во тој контекст се доведува во прашање Комисијата во тој сегмент кога тоа веќе се практикува, вели Ѓоргиев.
Неговото предупредување сигурно не е случајно, зашто допрва треба да се разгледува најчувствителниот период на 18,19 и 20 век, кога во преден план треба да излезе прашањето за нацијата и македонизмот.
Comments are closed for this post.