Градоначалничката на Тетово Теута Арифи треба да ѝ објасни на јавноста и на министерот за образование Арбер Адеми како ја вработила сестра си и како успеала да ѝ даде позиција на заменик-директор во основното училиште „Истикбал“, праша на прес-конференција Алијансата за Албанците.

Дали министерот е свесен за тоа? Или и за ова министерот Арбер Адеми нема да преземе ниту една акција, како што не презеде било каква акција кога професорката Арјета Велиу беше малтретирана и избркана од нејзиното работно место без ниту една правна основа од страна на одборот на директори на тоа училиште. Законите важат само за опозицијата, а не за тие на власт – велат од Алијансата.

Партијата го повика на одговорност министерот за ветувањето на ДУИ од пред 10 години дека ќе изгради основното училиште во Мала Речица, за непотизмот во неговата партија, како и за тоа што децата Албанци во Велес учат на македонски јазик.

Алијансата остави фотографија на Адеми на местото каде требало да се изгради училиштето за да го потсетат дека тој е надлежен и има компетенции.

Алијансата за Албанците побара оставка од Адеми бидејќи, како што велат, тој е марионета кој со своите одлуки им носи штета на Албанците и на учениците од целата држава.