Сите повредени или загинати патници во автобусот на Дурмо турс што излета на автопатот Скопје-Тетово, коишто биле вработени и во тој момент се враќале дома од своите работни места, треба да имаат статус на лица што се здобиле со повреда на работното место, информираат од Македонското здружение за заштита при работа.
Од здружението посочуваат на Законот за безбедност и здравје на работа (92/07) според кој е потребно од страна на работодавачите да бидат пријавени во Државниот инспекторат за труд (http://dit.gov.mk/) како несреќи на работното место. Притоа, нагласуваат дека непостапувањето на овој начин е прекршување на Законот и е предмет на прекршочна постапка.
Во соопштението од здружението се наведува дека со пријавата од страна наработодавачите, на повредените вработени ќе им следуваат следните законски можности:
1. Да имаат можност во полн износ (100%) од платата да им биде исплатена за време на периодот на заздравување (имајте в предвид дека при боледување, а кое не е поврзано со несреќа на работното место, можно е исплатената плата да биде помала и до 70%)
2. Отсуството од работното место да биде заведено како „повреда на работа“, а со тоа, во понатамошниот работен век, доколку се појават одредени компликации, истите да може да се утврдат од каде потекнуваат и да се придонесе за превенција.
3. По враќањето на работното место, вработените е неопходно веднаш да бидат упатени на насочени медицински прегледи, а со тоа да биде утврдена нивната преостаната работна способност. Ова е исклучително важно за секој од нив индивидуално доколку се јават одредени ограничувања во можностите за нивно целосно исполнување на работните задачи, а со првенствена цел да се заштити здравјето и интегритетот на работникот!
Comments are closed for this post.