Сосема јасно е дека потпишувањето на Протоколот за зачленување на Македонија во НАТО ќе има последици во односите со Русија. НАТО е агресивен блок кој во Русија гледа непријател, вели амбасадорот на Русија во Македонија во интервјуто за ТВ Русија 24.

„Без разлика на сите уверувања од македонското раководство дека определбата на Скопје за НАТО не носи антируски карактер – што, веројатно, е така, сепак треба да се разбере дека НАТО е агресивен блок кој во Русија гледа непријател и во согласност со тоа ја гради својата воена доктрина која е задолжителна за сите земји-членки. Со други зборови, откако Македонија ќе стане членка на НАТО, ќе биде принудена да презема чекори не врз основа на сопствените национални интереси, туку согласно онаа банална „атлантска солидарност”. Се надеваме дека солидниот историска темел на руско-македонските врски ќе го издржи и овој предизвик. Од своја страна, ќе вложуваме максимални напори за тоа“.

Баздникин е амбасадор во Македонија околу шест месеци, но како што вели и самиот, во многу турбулентен период. За референдумот за државното име на земјата, амбасадорот вели дека граѓаните на Македонија „со нозе” гласаа против Преспанскиот договор.

„Република Македонија е практично опкружена со земји-членки на НАТО. Овде веруваат дека приклучувањето кон НАТО ќе помогне да се зајакне безбедноста на земјата и да се намалат ризиците поврзани со сепаратизмот и екстремизмот. Притоа, треба да се има предвид дека западната пропаганда на Македонците им ветува сѐ и сешто – економски раст, прилив на странски инвестиции, подобрување на животниот стандард на луѓето.

Бездикин додава дека она што сигурно ќе се случи е дека Македонците ќе морат двојно да ги зголемат одбрамбените трошоци. Какви ќе бидат последиците по социо-економската состојба на земјата е големо прашање. Во регионот дефинитивно ќе се појават нови линии на поделба кои ќе го дестабилизираат Балканот“.

Според рускиот амбасадор, членството на Македонија во ЕУ, нема да претставува пречка за унапредување на заемно полезната соработка со Русија.

„Ние тргнуваме од тоа дека Република Македонија сака да стане членка на Европската Унија. Годинава тие очекуваат да ги отворат пристапните преговори со Унијата. Според нашите европски колеги, за да се случи ова, потребно е исполнување на низа услови, вклучувајќи и повеќе реформи во различни сфери“.

За билатералните односи на 25-годишнината од воспоставувањето на македонско-руските дипломатски односи, Баздникин вели дека желбата на Москва е да се избегне штета за интензитетот и обемот на руско-македонска соработка.

Во интервјуто за ТВ Русија 24 Баздникин зборуваше и за дипломатските притисоци во Македонија за време на целиот овој процес за промена на името и членство во НАТО.