Амбасадорите на 29 земји членки на Северно-атлантската алијанса денеска во седиштето на организацијата го потпишаа Протоколот за членството на Македонија во НАТО.
На церемонијата во седиштето на Алијансата, во Брисел, присуствуваше министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на почетокот изјави дека „ова е историски момент за земјата. Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас покажаа голема храброст со постигнувањето на Договорот од Преспа, со што придонесоа и за стабилноста и безбедноста на регионот“.
Тоа беше тежок пат, исполнет со компромиси. Долго време ве чекавме да ни се приклучите во семејството. Учествувате во мисиите на НАТО и ги исполнивте реформите потребни за да станете 30-та членка на НАТО. По потпишувањето следува процесот на ратификација и не се сомневаме дека ќе биде ратификуван во сите држави членки, изјави Столтенберг.
Тој потенцираше дека од денеска макеоднски претставник ќе биде на масата на НАТО.
„Очекуваме да ги продолжите реформите потребни и за членството во ЕУ, со која делиме заеднички вредности“, нагласи генералниот секретар на Алијансата.
Шефот на македонската дипломатија кажа дека „ова беше долг пат што пред многу години го почнавме со уште девет земји, Македонија наскоро, со стапувањето во сила на уставните измени, ќе стане Северна Македонија. Со ова ја исполнуваме стратешката цел-членство во НАТО. Ова е резултат на работа на многу генерации и должност на нашата генерација, рече Димитров.
Според него, ова не било лесно да се постигне, но, сепак, оваа генерација успеа со договорот меѓу премиерите Заев и Ципрас, како и со поддршката од бугарскиот премиер Бојко Борисопв и потпишаниот Договор за добрососедство.
-За нас членството во НАТО е преминување на страната на сигурноста, тоа прашање на сигурност, стабилност, вредности и граѓански слободи, додаде Димитров.
На крајот Димиторв објасни дека „патот што го изминавме не направи позрели. Ги решивме сите проблеми со соседите и тоа во регион што се уште се соочува со одредени несигурности. Патот не е завршен, но сакаме да го одиме заедно. Македонија ќе ги исполни реформите што ги вети. Од денеска мојата земја станува навистина силна, при што им се заблагодари на сите амбасдори на земјите членки кои денеска ставија потпис на Протоколот.
Comments are closed for this post.