Историјата зборува за животот, неа ја ткаат емоции, страсти, верувања и карактери. Во неа има само луѓе: сè е околу нив, од нив, за нив. Ова го напоменувам, затоа што, денешниов напис го посветувам на Гоце Делчев (1872–1903) кој е еманација на вековниот стремеж на Македонецот за слободен културен, економски, политички, социјален и народносен развиток. Денес одбележуваме 147 години од раѓањето на овој одважен борец за народни права, идеолог и водач на македонската револуционерна борба.  Одбележувајќи го овој значаен датум, користејќи ги сеќавањата на Ѓорче Петров, ќе се задржам на некои поинтересни моменти што  го портретираат револуционерниот лик на овој заслужен Македонец. Тој уште како 25-годишен, станува име на општонародната легенда, а неговата биографија е пространата историја на македонското револуционерно движење. Се родил во Кукуш, град првобудител на македонската преродба. Овде се создале најпрвите акции на унијатството (1859) и напорите на преродбениците на чело со Димитар Миладинов и Партениј Зографски за воведување на македонскиот народен јазик во црквите и училиштата.

Личноста на  Гоце Делчев почнува идеолошки, политички, национално и сестрано да се формира на релацијата Кукуш – Солун – Софија израснувајќи во прв човек и идејник на македонската револуција. Заслугата на Гоце, бездруго, највеќе се огледа во фактот што успева бунтовната стихија на народниот гнев да ја скроти и упати низ логиката на организираната револуционерна акција.  Тој не наметнува  свои програми или погледи, туку пред сè е изразител на желбите и стремежите на народот и неговиот глас. Тој е изразител на македонската низина, на македонската селанска маса, овоплотувач на нејзините процеси, но истовремено близок на сфаќањата на македонските социјалисти, чиј принцип исто така е ослонување на сопствените сили, т.е. дека „Ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци“, дека „Македонија не им припаѓа ниту на Србите, ниту на Грците, ниту на Бугарите, туку си припаѓа сама на себеси“. Гоце е револуционер од конкретен тип, во агитацијата пред народот, тој постојано повторува: „Не ни ги слушајте проповедите, гледајте ни ги делата!“ Тој се залага за слобода на македонскиот народ, а не на некаква апстрактна македонска земја или територија. Тој ги формулира прв принципите на акционата платформа на Македонска револуционерна организација (МРО): „Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание. Кој мисли поинаку да ја ослободи Македонија, тој и себеси се лаже, а ги лаже и другите!“

Времето во кое живее и делува Гоце Делчев е отсликано во неговата позната мислата: „Ако тиранијата е насилство, тогаш револуцијата е насилство против насилствата“. Гоцевиот револуционерниот профил, најпотполно и најцелосно го има прикажано неговиот долгогодишен соработник Ѓорче Петров. Според него романтизмот „не би требало да се бара во неговиот [гоцевиот, б.н.] живот… Гоце се разликуваше од другите…Младич со експанзивна натура со слободоумна душа, тој бараше насекаде праволинејност, без секакви искривувања. Додека другите дејци… беа строго внимателни кон себеси и претпазливи во делата и држењето, со оглед да не се изложуваат себеси и делото, Гоце… си даваше полна слобода на дејство, без оглед на можните последици. Деец во една конспиративна организација, тој без да го одрекува нејзиниот карактер, по однос на своите лични дела ѝ се потчинуваше  само по неопходност… Каде што ќе стапнеше тој, работите на Организацијата добиваа силно темпо… Во делата и зборот негов бликаше дух на бестрашност и себеодрекување, дух кој ги зарзуваше гледачите, слушачите и соучесниците. Со тие свои особини, тој при посетата на разните краишта даваше темперамент и настроение кај луѓето со кои доаѓаше во допир“.

Натоварен со најтешката задача: лично тој да ги организира четите во Македонија, признат за началник на сите вооружени чети на Организацијата, тој најдобро знае кога ќе биде најпогодниот момент за востание. Затоа и толку е навреден од необмислената постапка на дел од раководителите на ТМОРО, кога се донесува кобното решение за востание (1903). Во врска со ова, Ѓорче Петров, забележува: „Како можеше тој [Делчев, б.н.] да ја види таа величествена зграда фрлена во пожар и да се прости со неа, кога таму му беше сета душа и за нејзиното издигнување тој жртвувал толку енергија и беше изабил толку чувста, сега да ја види разурната и тоа во моментот кога треба да ги собира плодовите на својот труд? А востанието значеше токму провала на тоа негово сфаќање…“ Написов не го направив патетичен, намерно, туку пригоден и исполнет со почит и пиетет кон големиот наш борец, чии живот и дело побудуваат восхит и непоматената љубов. Се чини дека најпригодни за крај на текстот, се Ѓорчевите зборови, кои се ненадминати: „Делчев не беше ниту неповторлив, ниту недосеглив, ниту пак човек на минатото, за да се задоволиме само со неговите спомени, туку секој може да биде ако не Делчев, тоа барем слично на него, стига само како него да го презре своето лично благо во полза на татковината…“ Оттука следи, дека единствениот чесен начин за чествување на неговиот спомен е да се следи неговиот пример и да се прегрнат неговите завети.

Меѓу другото, да ве потсетам: СЕВЕРНА, никогаш! МАКЕДОНИЈА на Македоците!