„Владата на РМ секогаш ќе се грижи за правилна употреба на одредбите, кои произлегуваат од Договорот во Преспа, особено до особеностите кои ја запазуваат употребата на македонскиот јазик и култура во рамките на билатералните релации со сите земји, како и меѓународни организации. Владата на РМ нема надлежност да дава мислење и ставови за уредувачка политика на медиумите ниту во Македонија, ниту надвор од земјата.“
Ова е одговорот на владиниот портпарол Миле Бошњаковски на прашањето на Пресинг Тв дали Владата ќе реагира на пишувањето на весникот New Europe, кој во свој текст пишува дека жителите на државата Република Северна Македонија ќе ги нарекува како „Северно Македонци“.
Како што се користат термините Њујорчани или Новозелаѓани, New Europe ќе ги нарекува жителите на државата како Северно Mакедонци, за да ја избегнеме фразата „Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија“ како што пишува во Преспанскиот договор, пишува, меѓу другото, весникот од Брисел, кој се смета за грчко издание.
Колку и да сака весникот да го „пробие мразот“ и да промовира нешто нему прифатливо на еден максимално приѕирен начин, ваквиот развој на настаните по потпишувањето на Договорот од Преспа и неговата ратификација во македонскиот и грчкиот парламент, се сосема очекувана работа. Впрочем, на тоа не само што се предупредуваше, туку и се предвидуваше. Само за потсетување, на владината прес-конференција одржана на 24 септември, значи само неколку дена пред референдумот, министерот за надворешни работи Никола Димитров, меѓу другото, изјави:
Ќе има работи на кои ќе треба да се реагира, бидејќи договорот е текст. Ќе има грешки од меѓународната заедница како што имаше и досега, зашто некаде не викаат фиромианс пипл или славомаседонианс или вака или така. Факт е дека со ова ние растеме, факт е дека со ова расте и Грција, факт е дека со претходниот договор за пријателство со Бугарија ние успеавме меѓу нашите три држави на Балканот конечно малку историја да апсорбираме за да отвориме иднина. Живееме во регион, што долго време е оптоварен со историја,а премалку со иднина.
Ако Владата нема надлежност да се меша во уредувачката политика на медиумите и дома и надвор, тогаш останува простор за индивидуална или колективна реакција. Впрочем, едно такво искуство имавме уште пред повеќе од една деценија. Ако се сеќавате, тогаш актуелен беше референдумот за нова територијална организација на државата. Но, тоа беше максимално искористено во дневно-политичката „пресметка“ за и против него, па невладиниот сектор се јави во улога на организатор на масовен собир на кој основната порака и мото беше „Не ме фиромизирај“.
Иако не е познато дали истиот тој невладин сектор соодветно ќе реагира и овојпат, сепак од оваа временска дистанца тоа мото може едноставно да се изедначи или поистовети со ново – „Не ме северномакедонизирај“! Впрочем, животот е непрекината борба, што со социјалните мрежи е само донекаде олеснета. Првата адреса е весникот New Europe.
Comments are closed for this post.