Народниот правобранител има оформено предмет по сопствена иницијатива по добиените сознанија дека се случил настан во кој имало обиди за грабнување деца во општина Шуто Оризари и дека полициски службеници биле претепани поради сомнение дека станува збор за грабнувачи, како што наведуваат граѓаните во таа општина, истакна заменик-народната правобранителка Васка Бајрамовска-Мустафа.

Заменик-правобранителката посочи дека направиле увид во полициската станица и доставиле дописи до МВР.

Нашите сознанија говорат дека во тек се постапки кон лицата кои го извршиле насилството и за утврдување на основаноста на дојавите или пријавите дека има исчезнато лице од причина, што според МВР, досега нема ниту една пријава дека некој пријавил исчезнато лице. Бараме и целосно испитување на причините за присуството на полициските службеници надвор од службеното време во вечерни часови во такво возило без регистерски таблички. Останува МВР да го испита случајот и да ни ги достави целосно информациите што ги бараме – соопшти Бајрамовска-Мустафа.